| четврток, 6 декември 2018 |

Анѓушев најави реформи на пазарот што го држат неговите фирми

Стравот лозјето го чува, но за новата влада веројатно не важи народната поговорка. И по големиот број забелешки, таа, сепак, реши бизнисмен да го раководи секторот за економски прашања, односно да седне на позицијата заменик-претседател на Владата. Ако бизнисменот беше реалист, очигледно, тоа немаше да биде проблем, но од првото појавување во јавност, па проследено низ другите изјави, Кочо Анѓушев сѐ повеќе го буди сомнежот во неговите „искрени‘‘ намери за помош во либерализација на пазарот за енергетика и за транспорт. Како вицепремиер за економски прашања, Анѓушев вели дека ќе се грижи за либерализација на пазарот на струја

Пазарот не треба да биде пререгулиран пазар како во моментов, оценува заменикот на Заев. Тој тврди дека либерализацијата на пазарот на струја ќе биде решена на сериозен начин, без конфликт на интереси, и сите ќе бидат задоволни. Но, немаше да биде ништо сомнително ако не се погледнеше папката со сопственички удел на Анѓушев. На веб-страницата на неговата компанија се открива неговиот бизнис. Главниот позитивен пресврт го доживува во 2003 година, кога го основа Друштвото за вработување на инвалидни лица за производство, трговија и услуги „Фероинвест“ д.о.о. експорт-импорт – Велес, кое е дел од конзорциумот што добива концесија за 21 мала хидроцентрала во Македонија. Во истата година „Фероинвест“ станува сопственик на 50 проценти од капиталот на компанијата „Брако“, Кочо Анѓушев станува претседател на бордот на директори и го организира развојот и производството во трите производствени погони во Велес – Македонија, Панчево – Србија и Видин – Бугарија. Истата година прво основа претставништво на групацијата ЕФТ, а подоцна и фирма „ЕФТ Македонија“, која добива лиценца за трговија со електрична енергија. Покрај ова, фирмата се занимава и со инвестиции во енергетиката, стои во профилот на компанијата.

– Јас сум горд на тоа што сум го направил во животот бидејќи сум тргнал од нула. Сите мои фирми во ЦРМ имаат краен сопственик Кочо Анѓушев и мислам дека тоа треба да биде мотивација за сите млади луѓе дека со вредна и чесна работа можат да успеат и да тргнат од нула – вели Анѓушев тврдејќи дека нема ништо сомнително.

Веднаш по стапувањето на функција Анѓушев најавува и нова мерка, односно преку решавањето на штрајкот во „МЖ – транспорт“ тој открива нова намера за либерализација и на железничкиот транспорт. Анѓушев најавува и приватизација на секторот транспорт во земјава, но, сепак, државата да продолжи да се грижи за инфраструктурата, односно одржувањето на шините. Во портфолиото на неговите компании пишува и дека тие нудат транспорт на стока. Ова дополнително го вклучува алармот за потезите што планира да ги води новиот вицепремиер за економски прашања. Тој вели дека нема место за сомнеж, но најавува дека сопственоста на компаниите останува во негови раце. Почитувајќи го законот, решил управувањето да го преземат директори што ќе го заменат раководењето на компаниите.

– Во согласност со Закон за спречување корупција, јас не можам да имам извршна функција, ќе ги напуштам тие функции во моите компании и ќе ме заменат директори. Јас не можам да се откажам од својот капитал и од сопственоста – вели Анѓушев.

За веродостојноста на неговите ветувања, како и за тоа дали тој е вистинскиот избор за вицепремиер постои сомнеж и меѓу неговите, имено Бранимир Јовановиќ, советник во Министерството за финансии на Драган Тевдовски, прашан за именувањето на вицепремиер за економски прашања од бизнис-секторот, како што е сега Кочо Анѓушев, вели дека тоа е како да се назначи човек што љуби алкохол да чува визба во која има складирано алкохол. Според него, задачата на бизнисот е да прави профит.

Покрај потенцијалниот судир на идеологии, постои и судир на интереси. На пример, составот на новата влада избрана на 31 мај беше објавен во „Службен весник“ број 65 од први јуни, една страница подолу постои одлука на Регулаторната комисија за енергетика, донесена на 30 мај, еден ден пред изборот на новата влада. Станува збор за привремена дозвола за производство на струја на мала хидроцентрала, чијшто косопственик е Анѓушев. Во „Службен весник“ бр 66, исто така, пред први јуни е објавено дека Регулаторната комисија одобрила статус на привилегиран производител на електрична енергија на друга хидроцентрала каде што Анѓушев, исто така, е косопственик.Засега сѐ останува само во рамки на доверба во ветувањата на Анѓушев, но неговата политика ќе открие колку биле искрени неговите намери.

Кочо Анѓушев е втор функционер од бизнис-елитата што доаѓа на висока позиција во Владата на Република Македонија. Имено, во владата на Владо Бучковски, Минчо Јордановски ја извршуваше функцијата заменик-претседател на Владата задолжен за економски систем. Сега повторно човек од бизнисот, кој, според „Форбс“, во 2014 година беше трет на листата најбогати Македонци, е назначен за вицепремиер.

Пишува: Кристина Николова – Кузмановски
(Текст објавен во 250. број на неделникот „Република“, 16.6.2017)

По објавувањето на текстот во неделникот „Република“, пристигна соопштение од ЕДС за промена на сопственичката структура.

Фирмата на Анѓушев го избра новиот управител и започна преговори за промена на сопственичката структура

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top