| четврток, 6 декември 2018 |

Нема крај на скандалите: Компаниите на Анѓушев „се омрсиле“ со четири нови државни бизниси, вицепремиерот тврдеше дека нема да учестува на државни тендери

Фирми на вицепремиерот Кочо Анѓушев и покрај ветувањето дадено пред граѓаните дека неговите фирми нема да учествуваат на државни тендери, продолжуваат да испумпуваат пари од Буџетот преку неговите фирми, објави порталот „Курир“.

Како што пишува „Курир“, според документите кои ги поседува редакцијата, „Брако ДПТУ Велес“, каде како сопственик се јавува Кочо Анѓушев добила тендери од четири државни установи во висина од 2 милиони и 380 илјади денари.

– „Фероинвест“ и останатите компании нема да учествуваат на државни тендери, изјави Кочо Анѓушев во интервју за Топ Тема, во септември 2017 година, тој понатаму додаде, „секаде каде што ќе имам можност да влијаам на било каква постапка, таму моите компании нема да учествуваат не само по закон, по закон можат да учествуваат од морални причини нема да учествуваат“.

Фирмата на Анѓушев „Брако“ склучила договор за набавка со Универзитетската клиника за кардиологија во висина од 641.920 денари, на 11.01.2018 година, 4 месеци откако го даде ветување дека неговите фирми нема да учествуваат на државни тендери.

Вториот човек во владата не застанал тука, 11 дена подоцна, неговата фирма „Брако“ добива нова набавка, овој пат од ЈЗУ Психијатриска болница – Негорци, во вредност од 664.340 денари. Шемата не застанува тука, на 16.02.2018 година, тој добива тендер и од Основниот суд во Велес во висина од 82.600 денари.

На 16.02.2018 година Основен суд Велес склучува договор со ДПТУ Брако ДОО за набавка на гориво во вредност од 82.600 денари.

Судејќи по документите кои ги добивме на Анѓушев најмногу му тргнало со болниците, па во април месец 2018 година склучува договор за набавка на болнички наткасни во вредност од 988.642 денари со ЈЗУ Клиничка болница Тетово. Со што вкупната сума која „Брако“ ја добива од сите 4 јавни набавки надминува 2 милиони и 380 илјади денари.

Кочо Анѓушев наспроти тоа што го тврдеше пред граѓаните го цеди Буџетот. Неговите фирми за кои тврдеше дека нема да конкурираат на државни тендери без мака редат тендер по тендер, испумпувајќи милионски суми, пишува „Курир“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top