Жозе Мурињо веќе деценија и половина се одржува на највисоко ниво во тренерските води и константно важи за еден од најдобрите стручњаци во фудбалскиот свет, а колку Португалецот навистина му е посветен на фудбалот најдобро говорат изјавите кои ги даваат играчите кои соработуваа со него во минатото и кои работата сега со него во Јунајтед.
Мурињо е познат како несекојдневен фудбалски фанатик кој не дозволува ниту еден детаљ да пројде неразгледано покрај него, а за каква личност всушност станува збор може да заклучиме од неговото последно обраќање со кое се обиде да ни ја долови неговата тактичка експертиза за големото финале во Лига Европа.
Манчестер Јунајтед рутински го совлада Ајакс во финалето во Стокхолм, а Мурињо сега објасни како успеал до совршенство да го спроведе на дело неговиот замислен план.
– Гледав осум натпревари на Ајакс при моите подготовки. Во Англија ми се доволни два или три, но во Европа не. Сакавме да креираме нестабилност во нивната игра, а за да го направиме тоа, клучно беше да го блокираме нивниот десен централен дефанзивец Де Лигт. Инсистиравме тие да ја изнесуваат топката со Санчес кој има многу повеќе проблеми со топката во нозе. На средината на теренот, вршевме пресинг и ги приморувавме да играат на долги топки. Во таква улога, ние доминиравме бидејќи имаме многу повисоки играчи. Цел свет велеше дека Ајакс игра убав фудбал, дека ја движат топката… Им реков на моите играчи да не му дозволиме на противникот да го добие тоа што го сака – објаснува Мурињо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.