Женската ракометна репрезентација на Македонија беше убедливо совладана од Шведска со 20:31 во првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство.
Швеѓанките беа фаворитки, тоа и го докажаа, но селекторот на македонската репрезентација Симе Симовски верува дека неговите избранички можеле и морале да одиграат многу подобро.
-Шведска беше фаворит и го докажа тоа. Ние мораше да одиграме подобро, но влеговме во нивниот ритам, немавме дисциплина во нападот, а тоа им овозможи да постигнат и многу голови од контра и полуконтра. Во иднина ќе работиме на подобрување на тие делови од играта,- смета Симовски.
Од овој натпревар, сепак, не се очекуваше ништо повеќе од воигрување и стекнување на искуство, па токму затоа поразот е само добра поука, од која многу може да се научи во иднина, доколку се прифатат грешките.
-Во иднина ќе мора да играме подобро од она што го прикажавме против Шведска. За нас успех е самиот пласман во баражот, но мора да учиме од грешките и во иднина истите да не ги повторуваме,- заврши Симовски.
Ракометниот натпревар меѓу Македонија и Шведска кратко беше прекинат откако снема струја во салата „Кале“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.