Диего Коста беше еден од клучните играчи на Челси во походот кон титулата во англиската Премиер лига, но според последните информации кои пристигнуваат од Шпанија, за феноменалниот напаѓач нема место во составот на Антонио Конте за наредната сезона.
Оваа бомбастична вест всушност ја пренесе самиот Коста при обраќањето за медиумите по крајот на пријателскиот меч меѓу Шпанија и Колумбија, при кое додаде дека во овој момент е во потрага по нов клуб откако италијанскиот тренер му порачал дека не смета на него.
Добро се сеќаваме дека токму овие двајца имаа нарушен однос во текот на јануарскиот преоден рок кога Коста беше пред заминување во Кина, а очигледно големата расправија оставила траги кои Конте не може да ги надмине.
– Добив една едноставна порака од бројот на Конте во која се вели дека не смета на мене за наредната сезона. Тоа е голем срам. Веќе ја препратив пораката на сите кои имаат важна функција во клубот за да одлучат што ќе правиме, но јасно е дека тренерот не ме сака таму. Јас сум на трансфер пазарот и барам нов клуб. Кога тренерот не смета на еден играч, неизбежно е заминување. Враќањето во Атлетико би било убаво, но ќе видиме што ќе се случи – истакнал Коста кој со својата изјава ги шокирал шпанските новинари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.