| четврток, 6 декември 2018 |

Заев ќе сече ленти на отворање дебати, ветувањата ги повлекува: Премиерот слаб, за плата од 500 евра ќе причекаме

Заев одговараше пред уредниците на девет телевизии, така што ретерираше во низа ветувања што ги даваше на изборите. Тој ги потврди предупредувањата на ВМРО-ДПМНЕ дадени уште во изборната кампања, а и потоа, дека не небулозни ветувањата за инстант економски придвижувања на кои најмногу се потпираше во кампањата. Такви придвижувања можат да ги очекуваат дури за неколку години, па дури тогаш да се размислува за просечна плата од 500 евра

„Се надевам, мислам, очекувам, ќе консултираме експерти, јас сум оптимист, ќе отвориме дебата…“ – влада базирана на претпоставки, премиер кој или нема став или нема капацитет да го каже, е општата оценка на јавноста која имаше можност вчера да се соочи со Зоран Заев во отворената програма што се емитуваше на МРТВ.

Заев одговараше пред уредниците на девет телевизии, така што ретерираше во низа ветувања што ги даваше на изборите. Тој ги потврди предупредувањата на ВМРО-ДПМНЕ дадени уште во изборната кампања, а и потоа, дека не небулозни ветувањата за инстант економски придвижувања на кои најмногу се потпираше во кампањата. Такви придвижувања можат да ги очекуваат дури за неколку години, па дури тогаш да се размислува за просечна плата од 500 евра.

Токму најсилното разочарување на граѓаните доаѓа од најсилното ветување дека просечната плата ќе биде 500 евра. Пред јавноста синоќа Заев изјави дека тоа ќе се случи најдоцна за четири години, а најрано до 2019 година.

Тоа нема да се случи веднаш. Просечната плата од 500 евра веројатно ќе стане реалност во 2019 година.

На ваквиот став на Заев реагираа уредниците, кои забележаа дека лидерот на СДСМ сега ретерира од ветувањата.

Интервјуто беше показател дека Заев нема основни познавања за економијата, особено за странски инвестиции, а површноста за концептот на социјалдемократите претставува опасност од крах на целокупната економија.

Истиот оној Заев кој сега ретерира од ветувањата за 500 евра просечна плата, на вработените во неговите фирми со години наназад им дава околу 150 евра плата. Прашањето кое се поставува во јавноста е зошто во своите компании не го правеше она што го ветува јавно, објавија медиумите.

Според статистиката, просечната нето-плата за периодот 2006-2016 е зголемена за 63%, бруто-платата за 40%. Нето-платата во август 2006 година изнесувала 13.718 денари, додека десет години подоцна, македонските граѓани имаат значително поголеми примања и истата изнесува 23.000 денари. Дополнително, во 2006 година многу повеќе од бруто-платата одеше за персонален данок и придонеси, а сега повеќе оди за нето-плата на работникот.

Дескоска најави укинување на Кембриџ програмата, Заев – дебата!

Од интервјуто на Заев се стекна впечаток на некоординираност во новата влада. Додека Рената Дескоска најави укинување на Кембриџ програмата во средните училишта, нејзиниот шеф најави дека ќе се дебатирало за тоа.

Самиот модел некаде дава резултати, некаде не е компатибилен со досегашниот образовен процес, државата не ги укина досегашните програми и таа на последните програми само ја наметна оваа Кембриџ програма што постои. Затоа треба овде да ја отвориме дебатата, за да бидеме на чисто, изјави Заев.

Граѓаните се шегуваат дека Заев ќе сече ленти на отворање дебати.

Конфузни ставови за надворешната политика

Заев рече дека новата влада немало да прави провокации кон Грција, надевајќи се дека со тоа јужниот сосед ќе се согласел да прифати Македонија да влезела во НАТО како ФИРОМ.

Новата Влада ќе се заложи да ги подобри односите со Грција и да овозможи нашиот јужен сосед да се согласи да прифати Македонија да влезе во НАТО под привремената референца. Немаме намера да правиме дополнителни провокации кон Грција. Треба да се прави нешто што нема да отвора нови рани, рече Заев и додаде дека спорот мо’ел да се реши ако немало провокации од македонска страна.

Познавачите коментираат дека ваквиот став на Заев значи дека тој се откажува од историјата на која почива македонскиот идентитет.

Според јавно кажаното, властодржецот се откажува од историјата на која почива македонската посебност и идентитет. Тој ја разбира како провокација, пишува на социјалните мрежи новинарот Наум Стоилковски.

Дефиниција за слаб премиер

“Дефиниција за слаб премиер”, експертите го оценуваат бледиот и неубедлив настап на новиот премиер Зоран Заев на националниот сервис. Според комуниколозите, настапот на националната телевизија остави блед, неубедлив и невпечатлив настап кој имаше вечерва претседателот на СДСМ. За нив, изразените ставови на Заев беа посебно конфузни во однос на надворешната политика.

Човекот бил демократ и сакал дебати, па така нема свој став или план – ќе чека да гласаат другите. Дефиниција за слаб премиер! А за оние ветувањата за минимална и просечна плата, па и евтина струја, не умри магаре до зелена трева!, пишува универзитетската професорка Билјана Ванковска.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top