| четврток, 6 декември 2018 |

Делчевското ОУ „Св. Климент Охридски“ за една година побогато за 520.000 денари

Енергетската ефикасност на делчевската деветолетка “Св. Климент Охридски” и донесе заштеда од 520.000 денари за една година. Директорката на деветолетката, Валентина Михаиловска, истакна дека овие средства ќе се пренаменат за потребите на училиштето.

– Планираме околу 440.000 денари да одвоиме за лап топ компјутери, за потребите на училиштето и наставата, а останатите пари ќе бидат наменети за да ги смениме внатрешните врати на училниците и канцелариите, рече Михаиловска.

Таа истакна дека 2016 и дел од 2017 година за училиштето се години со најмногу реализирани проекти.

– Стартуваме со едносменска работа. Проект на училиштето вреден 245.000 денари со што се направија четири нови училници. Потоа добивме проект од МОН вреден 183.000 евра со кој беше сменета целата столарија и кровната конструкција. Така што по една училишна година ние веќе штедиме средства, истакна Михаиловска.

Последната инвестиција во ова училиште е реконструкцијата на четири санитарни јазли, но и инсталацијата на шест калорифери за затоплувањето на спортската сала што е привремено решение додека не се приклучи и спортската сала на парната инсталација. Во ова училиште учат околу 600 ученици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top