Најновите иновативни техники и методи за примена на енергетска ефикасност во домовите се фокусот на работилницата за претставниците на медиумите што се одржува во рамки на Платформата за енергетска ефикасност. Целта на работилницата е поголема едукација на јавноста за потенцијалите од примена на енергетската ефикасност и придобивките за подобрување на квалитетот на живот.
Работилницата за енергетска ефикасност во домовите е дел од Платформата за енергетска ефикасност која ја организираат ЕВН Македонија, Министерството за економија и Агенцијата за енергетика.
– Промена на нашите секојдневни навики е всушност прв, но најзначаен чекор кон примена на енергетската ефикасност. Токму затоа, нашите активности во рамките на оваа платформа се фокусирани на заштеда на енергија преку активности кои зависат во голема мера од нас. Енергетската наука посветува големо внимание на ова прашање, па активностите на овој план и во Македонија се клучни за обезбедување енергетска стабилност – истакна Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.
За новите трендови во енергетската ефикасност и нејзината примена во секојдневниот живот, на работилницата ќе зборуваат експерти од различни области. Меѓу другите значењето на оваа област за енергетската иднина на земјата го потенцираше министерот за економија на Р. Македонија.
Енергетските контроли во домовите и нивната категоризација како еден од важните чекори за поголема застапеност на енергетската ефикасност е една од темите на работилницата.
– Енергетските контроли во реалноста ќе значат конкретен исчекор на полето на енергетската ефикасност. Нивната работа ќе донесе нови значајни аспекти и поголема примена на енергетската ефикасност особено во сегментот на домувањето каде има најголема потреба од едукација и создавање на можности за подобрување на состојбите на овој план – истакна Александар Дуковски, директор на Агенцијата за енергетика на Р. Македонија.
Во насока на пошироко презентирање на можностите за примена на енергетската ефикасност, во рамките на работилницата опфатени се теми од областа на енергетска ефикасност во градбата, презентација на пасивна куќа и начини за финансирање на проекти за зголемување на енергетската ефикасност во домовите.
Платформата за енергетска ефикасност, ЕВН Македонија со своите партнери ја започна во 2012 година, а во нејзини рамки се одржаа низа едукативни активности за граѓаните, компаниите и за студентите. Платформата доби национална награда за општествена одговорност и позитивно беше оценета во Извештајот на Европската Комисија за Македонија. Едукативниот серијал „Енергетска математика“, кој е фокусиран на примена на енергетската ефикасност во домовите и заштедите што ги нуди е исто така дел од ова платформа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.