Во напредна фаза е опсежната реконструкција на административната зграда на Општина Ресен преку примена на најсовремените мерки на енергетската ефикасност.
Станува збор за проект кој има за цел да и помогне на општината да генерира значителни заштеди поради намалените трошоци за гориво и електрична енергија, како резултат на намалените енергетски загуби на објектот.
– Ефектите од спроведувањето на мерките се веќе очигледни. Вкупната заштеда, која ја проценуваме на околу петнаесет илјади евра годишно, Општината има намера да ја преточи во инвестиции во животната средина и заштитата на Преспанското Езеро, што е наш врвен приоритет – изјави Ѓоко Стрезовски, градоначалник на Ресен.
Овој иновативен пристап дава одличен пример на инвестиција со повеќекратни позитивни економски и еколошки ефекти.
Реконструкцијата на објектот опфаќа негова целосна изолација со примена на термоизолациона фасада, комплетна промена на столарија (прозорци и врати) и реконструкција на покрив со дополнителна изолација. Дополнително, променети се старите азбест-цементни покривни плочи со нови, природни материјали, како и други интервенции. Сите применети мерки одговараат на најстрогите современи стандарди за енергетска ефикасност.
Оваа активност се спроведува во рамките на Проектот за заштита на Преспанското езеро кој Ресен го реализира благодарение на финансиската и техничката поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.