| четврток, 6 декември 2018 |

Пуштете ги министрите меѓу народот, така ќе ја отворите владата: Железните огради се рушат, oградувањето од граѓаните останува

Рушење и укинување! Тоа е единственото кое оваа нова, од надвор насадена власт подразбира под „реформи“. Тоа што е пострашно, е што тој систем на девастирачки реваншизам  кој што се воведува, ќе биде претставуван како наводен реформски и посакуван. Ситните популистички барања за задоволување на ниските страсти на оние странски платеници кои што од внатре, од државата, го потпомогнаа устоличувањето на оваа власт, сега стануваат главни политички зафати кои повеќе порано, отколку подоцна, ќе се удрат од главата токму на исполнувачот на тие желби.

Верува ли некој дека Заев и заевистите се сетија, на пример, за отстранување на оградата пред седиштето на Владата на РМ? Никако. Целта и потребата за оградувањето беше јасна по низата терористички напади и уште повеќе закани за такви дејства. Тоа барање се надогради на деструктивните идеи за рушење на се што е изградено, на се што е постигнато минатата деценија, со многу пострашна цел- да се прикаже дека се што до сега било направено- било лошо.

Најлошото за нив не се архитектонските решенија, туку моментот на градење на нација која се гордее со тоа што е изградено, со својата метропола, со својата историја, своето знаме, култура, посебност, со тоа што се Македонци. Тоа го препознаа и странците и туристите и политичарите. Затоа им пречи сето тоа, особено во пресрет на финалниот удар планиран за Македонците- смена на името и бришењето на културната посебност.

Идејата била околу владата да се отворел просторот слободен за движење на граѓаните. А токму оние граѓани кои новиот генерален секретар, инаку личен пријател на Заев им посакува „ќотек“, па „гушкање“. Со ваква сталинистичка тактика, не е ниту чуди што кабинетот наместо ограда, се брани со жив штит од полициски сили, како во моментот на гласање на новата влада. Ако не е таа, зошто тогаш седниците за рушења и укинувања не се одржаа на централниот плоштад Македонија? Онака како што се закануваше дека изборот на Талат Џафери ќе го направат каде било, во МАНУ, во парк,  на скали? Колкави полициски сили го „чуваа“ моментот?

Ако се гледа составот на кабинетот, не е спорна оградата, туку што неа ќе ја замени? Зар заевистите одненадеж се ослободија од присисокот и свесноста дека се наметнати од надвор? Не. Само за пример, колку полициски огради се поставени пред Собранието? Огради кои почнаа да се станаа секојдневие во скопскиот колаж за време на криминалната транзиција предводена од истите политички советници кои и сега ја „возат“ оваа влада. Тие полициски огради ги двоеја властодржците од оние 200.000 работници на кои им ги затворија фабриките, ги двоеја кога го сменија знамето, кога „времено“ ја преименуваа државата, кога територијално ја прекроија државата.

Полициската ограда потоа ја снема, но повторно се појави со платеничките орди и деструктивниот налет кој што не штедеше ни полициски животи.

Ако се ценат првичните зафати на овој состав, дури и тие џентлменски 100 дена, ќе минат во девастирање без да се направи никако позитивен исчекор или вистинска реформа. Граѓаните стекнаа навика на вистински отворени денови на Владата, како и да бидат со министрите и државните функционери најчесто на терен.

Пред да се продолжи со рушење, направете го личниот исчекор, излезете надвор од сопствените огради. Железните огради се градат и се рушат. Оградувањето од граѓаните останува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top