Во Македонскиот народен театар вечер и утревечер во рамки на 4. МНТ-фест ќе гостува Хуи Опера и Пекиншки оперски театар од Кина со претставата „Магбет: исплашена душа“ во режија на Ќина Су – која е спој на западната драма со традиционалната кинеска форма на раскажување.
Цинг До, претседател на уметничката група, и директорот на групата Цуанг Џао, на прес-конференција соопштија дека Хуи операта од провинцијата Анху е посебен вид уметничка драмска форма со историја од 400 години, која особено популарна станала пред 200 години.
– Хуи операта во Пекинг е многу прифатена од народот и пред 40-50 години од неа е зачетокот на Пекиншката опера. Таа се изразува преку музика, пеење, играње, традиционални воени вештини, ја раскажува приказната преку костимите и боите – рече До, додавајќи дека ова гостување е прекрасна можност за продлабочување на пријателството меѓу двете земји.
Главниот актер во претставата Јушу Ванг, кој е добитник на најголемата Годишна награда за театар во Кина, на прес-конференцијата рече дека за Хуи опера мора да се вежба од најрани години, а тој самиот почнал на 10 години.
– Ова дело е производ од спој на западна драмска форма и традиционална кинеска форма со цел да привлечеме интерес за да се запознае кинеската традиционална опера. Претставата има интересни движења и маски, кои ги има само во Кина – истакна Ванг.
Директорот на МНТ Дејан Пројковски рече дека претставата ја има добиено Тринаесеттата фестивалска награда за кинеска драма, а минатата година во Единбург учествуваше на најголемиот уметнички фестивал во светот (Edinburg Festival Fringe).
– Во октомври имав можност да ја гледам претставата во живо во Кина и сум многу среќен што сега е тука, зашто ретко имаме можност да го видиме овој тип театар на традиционален израз кој со својот квалитет и форма опстојал и до ден-денес е интересен за публиката – рече Пројковски.
Четвртиот МНТ-фест почна на 3 јуни со премиера на „Ничија земја“ на режисерот Александар Морфов, а викендов на програмата за најмалдите беа изведени хит-претставите на МНТ „Силјан штркот шанца“ и „Авантурите на Аладин“. По утрешната реприза на кинеската претстава „Магбет: исплашена душа“, следен фестивалски настан е на 8 јуни – претставата „Дон Жуан“ во режија на Морфов во изведба на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.