| четврток, 6 декември 2018 |

Објавена драмата „Една неважна жена“ од Оскар Вајлд

Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна ја објави познатата драма „Една неважна жена“ од Оскар Вајлд, во превод од англиски јазик на Дарко Цветаноски.

Оскар Вајлд (1854 – 1900) е ирски драматург, романсиер, есеист и поет. Прочуен по неговата остроумност, луцидност и афористичност, тој е еден од најуспешните драматурзи од доцната викторијанска доба. Неговите драми до ден-денес се изведуваат во театрите во светот.

Најпознати негови дела се драмите „Важно е да си Богумил“, „Една неважна жена“, „Идеален маж“, „Сало­ме“ и „Вера“, како и романот „Сликата на Доријан Греј“.

„Една неважна жена“ (1893) е драма во четири чина и сатира на високата класа во британското општество. Дејството се одвива околу долгогодишната тајна на г-ѓа Арбатнот, чијшто син Џералд има амбиции да се пробие во високите кругови на дипломатијата. На патот му стои токму мајка му, поради причини коишто таа не сака да ги открие. Растргнат помеѓу должноста и амбицијата, Џералд мора да ја преиспита моралноста на луѓето и слу­чувањата околу него со цел мудро да реши за своја­та иднина.

Како и другите комедии за високите класни кругови и високото општество на Вајлд, и оваа драма ја критикува и ја исмева англиската аристократија, којашто впрочем е и театарската публика на претставата, и тоа со нејзини средства. И покрај ваквата карактеристика на драмата, Вајлд ја погодува својата публика со мајсторска прецизност и претставата доживува огромен успех во Велика Британија и во странство.

Освен многубројните изведби по светските театри, ова дело има доживеано две филмски адаптации и една радиодрамска верзија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top