Ако до вчера прифаќањето на тиранската платформа во целост беше главен услов на партиите на етничките Албанци од Македонија за коалицирање за идно мнозинство, откажувањето на Али Ахмети од неа, како нејзин потписник, а самиот се посочува и како нејзин творец, сега воопшто не изненадува. Многу е едноставен одговорот на сите прашања зошто и тој и Зијадин Села толку круто се држеа до неа, а кои се појавија во јавноста.
Многу е едноставно, бидејќи примарната цел на стратезите од надвор беше да се собори владата на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е соборена насила од надвор, за да може сега, повторно иссилено, да го „затворат“ името на македонската држава, на штета на Република Македонија и со тоа да се отстрани пречката за влез на државата во НАТО. Тоа беше и е главната, примарна цел на стратезите. Сѐ друго, вклучително и барањата од платформата, за нив е второстепено.
Всушност, силувачите на државата, кои од надвор го водат целиот процес, увидоа дека тиранската платформа може сериозно да ја спречи главата цел, со тоа што сериозно ќе ја влоши позицијата на Зоран Заев. Секако, во прв ред, ја сфатија сериозноста на 80дневните протести без прекин од безброј граѓани против платформата; потоа од легитимната дебата во Собранието до бескрај посветена на тиранската платформа, како и од реакцијата на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов. Сценаристите сфатија дека токму платформата сериозно го загрозува главниот проект, па, како и секогаш, побараа од Албанците сега да се задоволат со помалку, нешто што нема многу да ја иритира јавноста, односно Македонците и другите етнички заедници.
Тоа „барање“, веројатно, е проследено со ветување дека сега ќе има прва фаза, а откако ќе се завори преименувањето на државата, по што би следувал прием во НАТО, и отворање на преговорите за ЕУ, ќе им се помогне во обидот за реализација на втората фаза. Ахмети не само што е прагматичен, туку, исто како сите албански политичари, не помислува да се спротивстави на странците во однос на дејствувањето. Тоа е и јавно кажано, во јануари, кога ДУИ, наводно, постави пет опции за иднината, а посочи дека ќе се консултира со „меѓународната заедница“ пред да се донесе одлука.
Патот за смена на името со „реформско“ заметкување
Всушност, се отвора пат за смена на името. Одреден вовед и подготовка на тој пат, како оправдување дека досега недостигале реформи, низ Собранието ќе се поминат десетината „европски закони“, популарно наречени „реформи на Прибе“. Откако ќе се изгласаат, ќе биде оценето дека дури сега се „направени реформи и земјата ќе оди напред“.
А, тоа што ќе се „реформира“, е реформирано и пред пет, и пред десет, и пред 15 години; исто така, по препораки од меѓународната заедница. Токму за тие реформи се добиваа и пофалби и препораки и за отворање на преговорите со ЕУ и за повторување на поканата за НАТО. Но, тоа сега тоа не важи и не е добро, а новото ќе биде „пресудниот момент“.
По тие „реформи“ и пофалби од надвор, на ред би дошол закон за јазици, каде што по налог на сценаристите, веројатно, ќе бидат изоставени контроверзните барања од тиранската платформа поврзани со јазикот на парите, амблемите на униформите на безбедносните сили и слично.
Во меѓувреме, најголема поддршка на зафатот за промена на атмосферата за менување на името се очекува од СЈО. Нивната задача уште од почеток е да се заметкува народот со бркање вештерки, отворање на истраги, обвиненија, па и спектакуларни апсења. Обидот да се направи позитивна еуфорија за да се зголеми довербата кон социјалдемократите, преку популистичките мерки без „математика“, мора да биде проследен со намалување на довербата кон членовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе мора постојано да се претставуваат како криминалци и корумпирани, нечовечно алчни лажговци. Небаре ВМРО-ДПМНЕ за себе им се опираше на Грција за името и на Бугарија за зачувување на идентитетската посебност, културата, историјата. Но, тие треба бидат „сеништа од минатото“.
За да може да се „проголта“ апчето за смирување и за намалување на тензиите за смена на името, веќе се почнати процедури за повеќе популистички „укинувачки“ мерки. Полека, на лажиче, по потреба, како сега за укинувањето на екстерното, ќе се укинува, на пример, радиодифузната такса, без длабинска математика што би значело тоа за јавниот сервис; или укинување на временското ограничување за продажба на алкохол, или, пак, враќање на евтината тарифа на струјата со што не само што се меша во работењето на Регулаторната комисија, туку и се нема (повторно) математика колку би чинел увозот на дневната, поскапа струја. Во таквите стимулирачки закони за замолчување на јавноста, би можело да се вброи и некакво зголемување на минималната плата, што, пак, од друга страна, ќе се гледа низ прсти ако не се почитува таму каде што е и најважна, кај крајниот работник.
Е потоа, јасно е дека следува решение за името на државата; можеби пред, но најверојатно по локалните избори.
Бајката за ѕвездата Заев и за смената на идентитетот
Без залажувања дека сценаристите ќе го остават Заев сам „да се поти“. Тој ќе биде претставуван како „голема реформаторска ѕвезда“ на приеми со странски лидери. Тие што го водат овој процес лесно можат да наместат приеми и кај Трамп, Меј, Макрон, Меркел. И многу звучни имиња ќе слетуваат на аеродромот, веројатно со ново име, за да „паѓаат во несвест“ од Заев, неговите идеи и елоквентност, и сите до еден на цел глас ќе го фалат Заев како голем реформист и човек што земјата и народот ги носи во светла иднина. Сѐ е тоа дел од сценариото за замолчување на народот за „безболна“ промена на името и на идентитетот.
Ако е повеќе од јасно дека оваа коалиција нема капацитет за „математика“ и за економија, болната точка ќе ја решат сценаристите. Странците ќе го одврзат и ќесето и ќе најдат начин да се обидат да го поткупат гневниот народ заради промена на името и на идентитетот. Ако на банкротираната Грција ѝ даваат 300400 милијарди евра, половина милион или, еве еден милион евра за „замолчување“ на Македонија за нив не е многу. А за Македонија е „тешка пара“. Преку разни фондови, грантови, програми, кредити, парите ќе ги внесат во земјата, а Зоран Заев ќе го нарекуваат и најдобар реформатор за економија, за судство, за медиуми, ќе ни го претставуваат како „регионална ѕвезда“. Сѐ само за да се „ голтне“ приказната дека „откако дојде Зоран Заев, цел свет нѐ сака“. Огромни признанија ќе му доделат за тоа што експресно ќе ги подобри односите со соседите. Во пакет со удоволување на Грците за името, ќе ги почести и Бугарите со договор со кој ќе добијат сѐ што посакуваат. Албанија и Косово и така веќе го слават. Без изненадување, странците ќе притиснат и Србите да го пофалат за нешто, особено што по смена на името, експресно ќе се реши и црковното прашање.
Секако, нема да изостане некаков обид и Грција да попушти, ама тој притисок ќе биде мал. Грција во моментов има многу слаба и непопуларна влада, која лесно може да ѝ отстапи место на Нова демократија, која е и потврда за името, па за да ја одржат во живот уште некое време, притисокот ќе биде незначителен. Ним, веројатно, ќе им биде понудено отпишување на долгот во замена, со што и СИРИЗА, и Грција, но и еврозоната би биле среќни, бидејќи грчкиот долг ги влече надолу. Играјќи на таа карта, ќе се бара и од Атина некоја отстапка, ама, сепак, не толкава за да падне СИРИЗА. Што значи, не многу голема. Сепак, Грците се Грци, а Заев е Заев. Дури постои и сценарио според кое НАТО и датумот за преговори со ЕУ би се случиле пред смената на името. Сепак, и тоа е дел од бајката, за да се прикаже слика дека Заев издејствувал чудо, да се крене еуфорија, да се крене неговиот рејтинг, за да се охрабри народот да се договори со Грција, за потоа да дојде ударот. Односно, да се поверува во убедувањата дека „Атина одиграла коректно и ајде сега да го решиме прашањето еднаш и засекогаш, во позитивна атмосфера“, во која, навидум, нема уцени.
Планот за последниот удар
Во Македонија, пак, за да може да биде Заев „ѕвезда што сјае“, сето тоа време ќе се потсетува колку ВМРО-ДПМНЕ ја „уназадиле“ државата и паралелно со чекорите со отстапки кон соседите, ќе се нагласува дека тие ја скарале Македонија со сите. Теркот е познат, го кажа и Заев во Берн, дека „ не може Македонија да е во право“. За сето ова, од надвор веќе му одбраа и тим на Заев. Во прв ред, министер за надворешни работи по нивни терк, со слаткоречив меѓународен шмек, приспособен од институтот за меѓународна политика во Хаг, финансиран од САД и од холандската влада, од каде што доаѓа и, веројатно, каде што ќе се врати по завршената задача. Избран е и министер „без ресор“ за да го доврши тоа што е почнато од поодамна заземањето на медиумскиот простор. Медиумските мегафони на социјалдемократите, секако, со помош и на тие што до вчера важеа за „провмровски“, а веќе ја свиткаа „кичмата“ пред Заев и надворешните управувачи, наголемо ќе ја следат агендата. Нивна задача (ќе) е наметнување на оваа „нова розова реалност“, со постојано градење и надградување на оваа атмосфера на бајка, која ќе трае до, за време и по смената на името на државата и на идентитетот на народот.
Таа бајка ќе потрае уште најмногу половина година по исполнувањето на целта на странските сценаристи. Со исто темпо, бидејќи сите странски лидери ќе сакат да се дел од „решението на проблемот“,ќе сакат да се фотографираат со Зоран Заев, со продолжување на бајките за неговата „мудра политика“ и нивната „сесрдна“ помош.
И ќе помине таа една година на лажна слика, на сон, на бајка, на илузија. Парите ќе се потрошат, сликањата ќе се заборават, гушкањата ќе поминат, ќе остане нешто засекогаш: сменето име и идентитет. Сценариото е видливо, планот е дури и премногу проѕирен. Дали ќе се исполни, зависи од сите граѓани на Република Македонија. Кога ќе заврши, ако успешно заврши, најголема жртва ќе бидат македонскиот народ, името и идентитетот.
Иако ќе убедуваат дека идентитетот нема да се чепка, тоа ќе биде приказна за во Македонија. Јасно е дека идентитетот е во името. Иако државата ќе биде членки на НАТО и ќе се почнат преговори за ЕУ, за што постои консензус во државата; лошо ќе биде што ќе се загуби 25годишната битка за името и за идентитетот, и со Грција и со Бугарија.
ВМРО-ДПМНЕ најголема жртва
Имајќи предвид дека социјалдемократите и повеќе или помалку сите партии на етничките Албанци во Македонија се под контрола на меѓународната заедница, ВМРО-ДПМНЕ останува единствена, според сите параметри, прозападна партија, која сѐ уште донесува самостојни одлуки, особено за вакви крупни прашања, како што се државните и националните интереси. Токму затоа постојано ќе биде под жесток притисок.
Притисокот ќе биде во насока да го прифати и поддржи планот што следува. Доколку одбие, против неа и нејзиното раководство ќе се оди брутално и со сите средства, и дозволени и недозволени. Нема потреба да се дава конкретен опис за што сѐ се подготвени сценаристите во делот на недозволени средства, дали „украинско сценарио“ или преправање на конститутивната седница во парламентот во циркус.
Како ќе постапат раководството и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во обид партијата да не се изедначи со другите партии за прашањето за името, и истовремено да преживее од ударот што следува, останува да се следи, но јасно е дека додека сето ова трае, токму ВМРО-ДПМНЕ и раководството на Груевски ќе ја понесат најголема жртва.
Како и да е, овој осмислен пристап кон ВМРО-ДПМНЕ ќе создаде и еден сериозен ризик. Колку и да има забелешки за падот на ВМРО-ДПМНЕ, колку и во моментов да им пречи, сепак ВМРО-ДПМНЕ не само што е прозападно ориентирана, туку во минатите три години издржа неверојатен стрестест, во смисла на неменување на стратегиската цел, дури и по жестокиот напад токму од стратегискиот партнер. Нејзиното „хибернирање“ под притисок на западот, обидите за кршење, уништување или само замолчување на партијата со обиди за „десеткување на редовите“, ќе отвори бришан простор за нова партија финасирана директно од Русија. Реално, притисокот и медиумското креирањето на „бајката“ нема да го скрши вистинскиот отпор кон преименување и обезличување на македонскиот народ и неговиот вековен непокор за зачувување на идентитетската посебност. Сценаристите и планот веќе создаваат погодна почва за антиглобалистички, антинато и антиеурасположение, па лесно може да се падне во стапица.
Прашање е дали стратезите и локалните претставници на западните сили можат долгорочно да размислуваат за оваа операција. Нивните претпоставени, веројатно, знаат дека и досегашниот удар врз ВМРО-ДПМНЕ создаде голем интерес кај Русија, прво да ја освои благонаклоноста на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа, ако не се оствари тоа, и зачетоци на размислувања за создавање трета опција директно солидно финасирана и логистички поддржана од Москва.
Пишува: Наум Стоилковски
Текстот е објавен во 248 број на неделникот „Република“, кој излезе од печат на 2 јуни 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.