| четврток, 6 декември 2018 |

Никола Карабатиќ: Нема фаворити, новајлиите секогаш знаеле да изненадат

Никола Карабатиќ, еден од најдобрите светски ракометари, пред „фајнал-фор“ турнирот во Лигата на шампионите зборуваше за екипите во Келн и околу шансите кои тимовите ги имаат за шампионскиот трон.

Францускиот репрезентативец вели дека нема фаворити во Келн, а за Вардар, кој е единствен дебитант има само пофални зборови. Вели дека македонскиот тим расте од година в година и дека никако не смее да се потцени, затоа што новајлиите често изненадуваат.

– Како и секоја година, не може некому да му се даде одредена фаворитска улога. Секој има шанса да победи во Келн. Вардар е тим кој расте од година в година и кој се градеше долго време, а исто така видовме дека новајлиите често знаат да изненадат и да ја освојат титулата во ЛШ. Веспрем го брка трофејот долго време и ќе бидат мотивирани, а слична е ситуацијата и со Барселона – изјави Карабатиќ.

Потоа, тој прокоментира нешто и за неговиот тим ПСЖ.

– Како тим сме многу посилни. Ако се погледнат бројките, имавме шест или седум различни ракометари кои беа најдобри стрелци на мечевите. Реми го даде победничкиот гол во Флензбург, Генсхајмер во Веспрем, Шкоф беше одличен против Сегед. Секој работи за тимот и секој може да му помогне секому. За да освоиш трофеј во ЛШ, мора да ти се подредат сите ѕвезди. И нормално, да имаш малку спортска среќа – заврши Французинот.

Карабатиќ на завршниот турнир во Келн влегува како четернаесетти стрелец во Лигата на шампионите, со вкупно 73 постигнати гола. Противник на ПСЖ во полуфиналето е унгарски Вепсрем.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top