Најавувам дека ќе предводам реформска влада во Македонија, истакна Зоран Заев во образложението на предлог-програмата и предлог-составот на новата влада, која е единствена точка на дневниот ред на втората седница на Собранието на Република Македонија.
– Наши три клучни темели, ќе бидат посветеност на економијата и живот на сите, на силни професионални институции и правда за сите и на Европската унија и НАТО и перспективи за сите – рече Заев.
Тој нагласи дека новата Влада ќе работи чесно и посветено исклучиво за потребите на граѓаните на Македонија, која ќе биде држава на сите граѓани и оти ќе се гради обединето општество што ќе обезбеди стабилност.
– Наша цел е почеток на преговори со ЕУ и членство во НАТО во најкраток рок – рече Заев.
Во фокусот на Владата, ќе биде развојот на економијата и стандардот на граѓаните, при што најави просечна стапка на раст од пет проценти, зголемување на минималната плата на 16.000 денари и до 30.000 на просечната плата.
Дел од мерките во програмата се поддршка на домашните претпријатија, пред сѐ, малите и средните, активни мерки за вработување преку кои годишно би се вработиле по 16 илјади лица во приватниот сектор, како и промени во даноците и социјалните трансфери.
Освен економски развој, според Заев, најсериозна ќе биде и реформата во правосудството, а Македонија, најави тој, ќе биде правна држава за сите.
Во новата влада, според предлогот-составот што го достави во Собранието во неделата Заев, министри ќе имаат социјалдемократите, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеници во 120-членото Собрание.
Во Предлог-програмата на новата влада, доставена до Собранието, се наведува дека парламентарното мнозинство е силно посветено на зацврстување на унитарноста, суверенитетот и стабилноста на Република Македонија и оти ја декларира својата силна политичка волја за формирање реформска влада што ќе се фокусира на заедничките стратешки приоритети на земјата, членство во НАТО и Европската унија и ќе обезбеди брзо и одржливо надминување на политичката криза преку обезбедување реална поделба на власта, функционирање на правната држава и градење силни и професионални институции.
– Политичките приоритети на владата ќе се потпрат врз препораките од Извештајот на Прибе, како и итните приоритети дефинирани од Европската унија. Парламентарното мнозинство ќе биде посветено на изградбата на добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебно почитување и толеранција и спроведување на Охридскиот рамковен договор – се наведува во предлог-програмата.
Ваквата реформска агенда, се посочува, ќе ги овозможи заедничките цели што ги споделуваат граѓаните на Република Македонија: подобар живот на сите граѓани, развој на економијата, враќање на демократијата, владеење на правото и на правдата, еднаквост на граѓаните, ефикасни институции, квалитетно образование и здравство, како и подобрување на меѓународниот углед и позиција на Република Македонија.
Според Деловникот за работа на Собранието, по обраќањето на Заев пред пратениците, ќе следува претрес, кој ќе продолжи по едночаовната пауза. Редоследот на говорите на пратениците и седењето во собраниската сала беше договорен на вчерашната координативна средба кај претседателот на Собранието Талат Џафери. На оваа средба не присуствуваше претставник од ВМРО-ДПМНЕ.
Владата треба да биде избрана два дена по отпочнувањето на седницата односно најдоцна до среда на полноќ. За тоа е потребно да гласаат најмалку 61 пратеник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.