Манчестер јунајтед ја заврши сезоната со трофеј во Лигата на Европа и обезбеди настап во Лигата на шампионите следната сезона. Тоа е одличен крај за „црвените ѓаволи“ со оглед на развојот на настаните од изминатава сезона. Но, менаџерот Жозе Мурињо веќе мисли на иднината.
– Му ја дадов листата со желби на Ед Вудворд. Таа веќе два месеци е кај него на работната маса. Сега мое е да чекам – изјави Мурињо на прашањето за новите засилувања на Јунајтед во претстојниот летен преоден рок.
Но, листата е пробиена. Антоан Гризман е најголемата желба на Мурињо и се чини дека може да биде исполнета. Манчестер јунајтед е подготвен да плати и 100 милиони евра за неговите услуги. Но, Португалецот сака уште еден квалитетен напаѓач во својот тим. Тука се потцртани Андреа Белоти, напаѓачот на Торино, и Ромелу Лукаку од Евертон. Еден од нив би требало да пристигне на „Олд трафорд“, според плановите на Мурињо.
Хрватот Иван Перишиќ е желбата на стратегот на „црвените ѓаволи“ кога се во прашање крилните позиции. Тука е и Ерик Даер од Тотенхем, како желба за освежување на средниот ред. Во одбраната, добро би дошол потписот на Рафаел Варан од Реал Мадрид, како и Мајл Кин, кој треба да се врати во Манчестер јунајтед.
Се разбира, не е можно да му бидат исполнети сите желби на Жозе Мурињо. Тоа ќе зависи и од финансиите, и од текот на настаните во летниот преоден рок. Но, едно е јасно, Португалецот „пука наголемо“…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.