| четврток, 6 декември 2018 |

„Македоника литера“ ја објави книгата „Што сакаш од мене љубов?“ од Мануел Ривас

Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје деновиве ја објави книгата раскази „Што сакаш од мене, љубов?“ од познатиот галициски и шпански писател Мануел Ривас, во превод од шпански јазик на Александра Николоска.

Книгата е добитник на две високи книжевни награди во Шпанија – на Национална награда на Шпанија за литература и на наградата „Баљестер“, оригиналното издание е на галициски јазик, на шпански јазик има повеќе изданија и е преведена на многу јазици.

Мануел Ривас се смета за револуционерен и водечки автор во современата галициска литература, односно тој е најпознатиот и најпреведуваниот галициски писател.

Негова најпозната, најнаградувана и најпреведувана книга е збирката раскази „Што сакаш од мене, љубов?“ (1995). Содржи шеснаесет раскази во кои доминираат нежноста и хуморот и кои се одликуваат со висока естетска и книжевна вредност. Расказите се напишани со голема имагинација и поетичност. Секој расказ е необјаснив, необичен и непредвидлив, воведувајќи го читателот во оние пространства на човечката измислица кои немаат граници. Крајот на секој расказ треснува поради својата невозможност која наместа е шокантна, наместа тажна, наместа прекрасна, наместа недоис­кажана, но секогаш е гладна за човечката имагинација – таа на читателот. По нивното читање останува долгото необјасниво чувство на прочитана поезија и безгранична фантазија за еден безличен и студен свет.

Расказите се толку многу различни но истовремено и толку многу компактна целина – како да се создавани во една лабораторија за носталгија и меланхолија. Таа е наменета за оние читатели кои имаат потреба од прегратка со такви зборови, кои сакаат да читаат приказни за сновиденија…

Што му треба повеќе на еден човек од еден коњ, револвер и жена со име на цвеќе за да се почувствува цар – пишува Ривас, при што само со една реченица како да го опишува светот во неговата книга – свет од болка и љубов, видени со поглед чист како на дете а ексцентричен како на поет. Во овие негови раскази се откриваат потресни стории во кои чувствувањата на нештата им претходат на самите нешта, крајот бара толкување и секоја форма е човечка клетка – животнотрепетна и неспоредлива. Раскошниот јазик, вештина­та да го привлекува другиот (читателот), ерудитската почит спрема на читателот и способноста да прикажува со љубов, го сместуваат авторот и неговите дела во најдоброто книжевно творештво што не треба да биде пропуштено.

Според расказот „Јазикот на пеперутките“, е снимен истоимениот култен шпански филм, во режија на Хосе Луис Куерда (1999), а кој е добитник на наградата „Гоја“ на Шпанската филмска академија за најдобро адап­ти­рано сценарио во 2000 година.

Мануел Ривас (Коруња, 1957) е галициски писател, поет и новинар. Почетоците на новинарската кариера му се уште на рана возраст и во угледни шпански весници како „Ел идеал гаљего“ (каде што волонтира уште на петнаесетгодишна возраст), „Ла воз де Галисија“ и „Ел паис“, а станува уредник на галициската редакција на мадридскиот дневен весник „Диарио 16“. Студира информатика во Мадрид. Бил и сѐ уште е соработник на разни медиуми, шпански и галициски, како „Ел Паис“, „Ел Идеал Гаљего“, „Ла воз де Галисија“…

Начинот на кој Ривас ги третира зборот, автентичноста на изразот и нежноста на приказните, длабокото поетско ехо на неговите пораки, при­до­несоа неговите книги да добијат верна публика, не само во Европа, туку и во Америка.

Неговото оригинално тво­рештво е напишано на галициски јазик.

Автор е на голем број поетски книги, романи, статии и книжевни есеи. Негови најпознати дела се збирката раскази „Што сакаш од мене, љубов?“, романите „Моливот на дрводелецот“ и „Во дивина“, како и збирката раскази и поезија „Милион крави“.

Автор е на осум поетски дела, а негови прозни дела се: Сѐ е во ред (1985), Милион крави (1989, раскази и песни), Јада­чите на компири (1992, роман), Во диво друштво (1994), Што сакаш од мене, љубов? (1996, раскази), Заскитан куршум (1997, роман за млади), Моливот на дрводелецот (1998, роман), Таа, проклета душа (1999, раскази), Раката на иселе­никот (2001), Пропуштени повици (2003, раскази), Божиќни приказни (2003), Ние двајцата (2003), Книгите лошо горат (2006, роман), Раскази од една зима (2006), Сѐ е молк (2010, роман), Најчудното (2011, раскази) и Последниот ден на Теранова (2015).

Во 2012 ја објави автобиографската проза Тивките гласо­ви, низ чии страници се нурнува во своето детство (кое го споделува со сестра му Марија), како сведоци на семејното преживување во времето на франкизмот и гласовите на „интим­ната историја“.

Автор е и на седум книги со статии и есеи, како и на едно драмско дело.

Мануел Ривал е добитник на десетина високи награди за своето творештво. Највисоките книжевни награди ги има добиена за „Што сакаш од мене, љубов?“.

Неговите дела се преведени на триесетина јазици, тој е најпреведуван автор од Галиција на сите времиња. „Што сакаш од мене, љубов?“ е прва негова книга објавена на македонски јазик.

Освен филмската адаптација на расказот „Јазикот на пеперут­ките“ од збирката „Што сакаш од мене, љубов?“, филмуван се и романите „Моливот на дрводелецот“ и „Сѐ е молк“, и двата номинирани за наградата „Гоја“ за најдобро адаптирано сценарио.

Како новинар Ривас секогаш е ориентиран кон опште­стве­ните и еколошките теми. Тој е еден од основачите на „Гринпис“ за Шпанија.

Стилот на Ривас, и во прозата и во поезијата, е маги­чен, сугестивен, актуелен. Како новинар е актуелен дури и кога пишува за минати настани, а неговиот метафоричен исказ ја брише границата меѓу неговата лирска реч и романите.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top