| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на „Атена со пенис“ во Драмски: Реалноста е повеќеслојна и ништо не е едноставно

„Атена со пенис“ е комедија, која може да се чита и како политичка сатира и која ќе биде новата хит-претстава во Драмски. Добитната комбинаицја Евтимов - Рубенс Муратовски - Филип Трајановиќ од претставата „Чолак“ во „Атена со пенис“ повторно брилјира

Со насмевки на лицето, но можеби и длабоко замислени за заминаа гледачите по премиерата на претставата „Атена со пенис“ во режија на Синиша Евтимов, а по текст на Александар Русјаков. Премиерата беше во петокот навечер, 19 мај во Драмски театар Скопје.

„Малку е откачено се што се случува во моментов. Реалноста е повеќеслојна и ништо не е едноставно. Уште потешко е да се објасни. Сите се луди. Можеби, само јас сум луд. Можеби само јас мислам, дека сите се луди. Можеби сите мислат дека јас сум луд. А можеби сите и не мислат воопшто. А можеби и јас не сум јас, ниту пак ти си ти. Можеби сме само гладни, како во реклмата, па ни треба мало чоколатце за се да биде ок. А можеби и сето ова е само скриена камера. Затоа, насмевни се“, вели режисерот Евтимов.

„Атена со пенис“ е комедија, која може да се чита и како  политичка сатира и која ќе биде новата хит-претстава во Драмски. Добитната комбинаицја Евтимов – Рубенс Муратовски – Филип Трајановиќ од претставата „Чолак“ во „Атена со пенис“ повторно брилјира.

„Атена со пенис“ е сценска адаптација на истоимениот роман на Александар Русјаков која од комична позиција се занимава со сѐ поизразената деградација на општествените, семејни и културни вредности. Во фокусот на дејството е Виктор Велков, просечен, средовечен македонски „шалабајзер“ и самоповикан гуру на турбофолк сцената.

Виктор живее лесен, удобен и безгрижен живот, а ненадејната смрт на татко му и очекуваното наследство, ветуваат уште побезгрижни денови во иднина. Но, како што обично бива, на читањето на тестаментот работите добиваат сосема неочекуван тек. Обидувајќи се да извлече максимум од новонастанатата збунувачка ситација, Виктор презема низа дејствија врз кои бргу губи секаква контрола…

Екипата која игра во „Атена со пенис“ е составена од искусни актери на Драмски, но треба да се истакнат и улогите на младите Емилија Мицевска и Благица Димитровска.

Во главните улоги настапуваат: Рубенс Муратовски, Катерина Коцевска, Лазе Манасковски, Зоран Љутков, Јана Стојановска, Гордана Ендровска, Филип Трајковиќ, Калина Наумовска, Емилија Мицевска, Благица Димитровска, Александар Степанулески,  Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски и Диме Илиев.

Сценографијата е на Милан Несторов и Александар Ношпал, костимографијата на Александар Ношпал, асистент-костимограф е Андреј Ѓоргиевски, додека маските ги изработи Ѓорѓи Ѓорѓиевски.

Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, суфлер е Жаклина Цветковска, тон-мајстор е Чедомир Младеновски, а светло-мајстор е Митко Ризов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top