Драмски театар-Скопје вечерва од 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Прослава“ (Фестен) од Дејвид Елдриџ во режија на Зоја Бузалковска.
Оваа современа трагедија и критика на моралната инерција ги следи настаните на една семејна прослава за 60-тиот роденден на таткото Хелге, која се случува во мрачна сенка на неодамнешното самоубиство на неговата ќерка. Се работи за драма на внатрешни конфликти, сложена психолошка приказна која овозможува возбудлива потрага по најскриените човекови мисли и чувства и ги испитува границите на издржливоста.
Драмскиот текст е напишан и праизведен во театарот „Алмеида“ во Лондон во 2004 година и од критиката прогласен за најдобра претстава. Оттогаш е изведуван на многу европски и светси театарски сцени. Всушност е адаптација на истоменото филмско сценарио од Томас Винтерберг, Могенс Руков и Бо Хр. Хенсен за првиот догме-филм снимен во 1998 година.
-Во современата драматургија е навистина тешко да се најде драма која длаби по меѓучовечките односи по теркот на големите автори како Чехов, Ибзен или Стриндберг. Во оваа драма, секој од ликовите има свој простор, свој свет, свој удел во конфликтот и свој однос кон разрешувањето на проблемот што се третира. Претставата се обидува да го следи ваквиот ракопис и да го зголеми влогот, но истовремено и да го доближи јазикот на театарот до догме филмскиот јазик, вели режисерката Бузалковска.
На прес-конференција таа рече дека долго време се занимавала со овој текст и барала куќа каде ќе го постави зашто институциите не биле храбри и, рече, не е секој подготвен за претстава што отвора деликатни теми. Пред три години се обидела и во Драмски театар, но и тука претставата не се појавила од, како што рече, различни, но не секогаш естетски причини.
-Тоа само може да ѝ даде плус на претставата. Една од работите којашто ги даде тоа доцнење е прекрасната екипа која се формираше така како што можеби не би се формирала пред три години. Имавме убав процес со оваа екипа во кој уживав, ако може така да се каже за поставувањето на олку тешка тема. Навистина се работи за брилјантно вешто напишан драмски текст, со прекрасна структура каде што работите се одвиткуваат постапно и каде што целиот прв чин ја заведува трагата за што воопшто е оваа драма, рече Бузалковска.
Во 14-члената актерска екипа се: Александар Степанулески, Дејан Лилиќ, Диме Илиев, Лилјана Велјанова, Соња Стамболџиоска, Емилија Мицевска, Димитрија Доксевски, Лазе Манасковски, Ѓорѓи Тодоровски, Тамара Ристоска, Предраг Павловски, Златко Митрески, Дениз Абдула и Анастасија Аневска. Сценографијата е на Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска, а костимографијата на Марија Пупучевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.