Ракометарите на Вардар влегуваат како големи фаворити за одбрана на титулата во завршницата од Купот на Македонија. Завршните натпевари за престижниот пехар ќе се одиграат викендов во салата „Младост“ во Битола, а во полуфиналето од Купот, покрај Вардар се уште и ланскиот финалист Металург, Еурофарм Работник и Охрид.
Во првиот полуфинален дуел, денеска со почеток во 17.30 часот, Еурофарм Работник и Охрид ќе се борат за своето прво финале во Купот на Македонија. Битолскиот тим ја игра својата прва суперлигашка сезона и го бележи првиот настап во завршницата на Купот. Најуспешната сезона во историјата на клубот ја игра и РК Охрид. Охриѓани беа први на табелата во регуларниот дел од сезоната, а успешниот настап во суперлигашкиот плеј-оф веќе им обезбеди место во европските купови за следната сезона. Борбата за финалето во Купот ќе биде уште еден предизвик за двата клуба кои сезонава направија најголем чекор напред на македонската ракометна сцена.
Во второто полуфинале со почеток во 20.30 часот, Вардар ја има фаворитската улога против Металург, посебно по супериорната победа на „црвено-црните“ во нивната последна пресметка со градскиот ривал во рамките на плеј-офот.
Вардарци се освојувачи на победничкиот пехар во Купот во последните три сезони по ред, а во својата колекција имаат вкупно 11.Куп титули. Избраниците на Раул Гонзалес кои сезонава ќе играат на Ф4 турнирот во ЛШ, се апсолутно доминантни на домашната сцена и очекувано, се фаворити за титулата.
Победниците од двете полуфинални средби ќе играат за победничкиот пехар во финалето што е на програмата утре со почеток во 16.30 часот.
Завршницата на ракометниот Куп на Македонија во организација на РФМ и на Еурофарм Работник, ќе има хуманитарен карактер и сите средства од продажбата на влезниците ќе бидат наменети за помош на 14-годишниот битолчанец Гоце Марковски за неговото лекување во Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.