Роден на 24 август 1977 година во с. Слатина, Тетово
Образование: доктор на правни науки – Правен факултет – Универзитет во Тирана
Професија: кадровик
Од најавената оставка нема ниту О. Министерот, кој пред камерите покажа морал, зад камерите докажа дека не морал. Театарот со божемни солзи и мрсули и покајание под мустаќи беше само јадица за некои медиуми – го наредија со лавори и со сите пера испишаа историја за етичките квалитети на министерот од ДУИ. Но, и да ги разбере човек – ДУИ го молат, па одамна престанаа да го лутат.
Така, министерот со најава, кој е министер нешто повеќе од четири месеци – за оние кои никогаш никаде не го виделе наместо да ја поднесе својата, поднесе ред оставки во МВР, небаре е семоќен во фирмата на татка си. Професионално, нема што. Осилен од идејата за насилно преземање на власта или, пак, од фотелјата на клупскиот колега Талат, а можеби и од некое ветување, човекот кој четири месеци предеше во министерското столче, почна да ‘рже по телевизии.
Нухиу во интервју за телевизијата „Алсат-М“, повикувајќи се на гласини, посочи на наводен план за употреба на Армијата за време на случувањата во Собранието на 27 април.
– Има гласини што сè уште не можам да ги потврдам дека полицајците се повлекле во вршењето на законските обврски затоа што слушале од други дека треба да чекаат уште малку за да може потоа и претседателот на државата да дава наредба за излегување на војската, да се прогласи вонредна состојба и така натаму, но овие се прашања кои ги има во рамките на службите во МВР, но не сакам да потврдам такво нешто затоа што сѐ уште ги немаме аргументирано – изјави Нухиу.
Експресно, Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов го повика министерот да ги појасни податоците и информациите искажани во интервјуто за телевизија „Алсат-М“ за постоење сценарио кое би послужило како повод за прогласување воена (член 124 од Уставот на Република Македонија) или вонредна состојба (член 125 од Уставот на Република Македонија) од страна на претседателот и употреба на АРМ, поврзани со насилниот влез во Собранието на 27 април.
– Кабинетот на претседателот на Република Македонија смета дека во јавноста постои опсесија со лажни вести да се изврши делегитимирање на институциите, односно на претседателот на Република Македонија. Го повикуваме министерот да ја проучи глава 7 од Уставот, каде што е пропишана одбраната на Републиката, воената и вонредната состојба за да не прави претстава и креира лажни вести. Својата неспособност да го раководи Министерството не смее да ја прикрива обвинувајќи други институции – се вели во реакцијата.
Од Нухиу дознавме дека неодамна дознал оти не функционира интерниот систем за снимање на командите во МВР. Среќа што народот го искали гневот, инаку уште 3 пати по толку да министеруваше, не ќе дознаеше.
– Тоа е систем за комуницирање со команди кој се прави внатре во МВР и имаме три сервер–оператори кои треба да бидат поврзани со апаратот за снимање на сите команди. Јас веднаш побарав вештачење дали се снимени сите команди, кои биле дадени преку тетрасистемот. Повикав експерт од Германија и тој направи проценка дека два сервера, за жал, не биле поврзани со апаратот за снимање на команди и било констатирано дека такво нешто не функционира не од сега, туку од 2014 година. Зошто не работеле, одговор треба да дадат органите кои треба да го водат процесот на истрага за кривична одговорност и се разбира се бара проценка од експертите или посебно екстра-вештачење“.
Изгледа цело време сме имале вистински човек на погрешно место. На многу важно место, човек кој е вешт да се прави дека не е од тука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.