| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на Борјана Божиновска во Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје

На 18 мај (четврток), 20 часот во Отворено графичко студио при Музеј на град Скопје ќе се отвори самостојна изложба на Борјана Божиновска.
Ќе бидат изложени боени скулптури во керамика и други материјали, цртежи, фотографии и слика со забележливо настојување за прочистување на ликовните средства и формалните аспекти на делото.
Авторката всушност ја испитува можноста за изразни промени кога една идеја или мотив се пренесува во различни техники или медиуми. Во дeлата преовладува вертикалната поставеност на фигурите (со машки, женски и детски ликови) кои се групирани во „семејства„ со нагласен статичен распоред во просторот. Од друга страна хоризонтално поставените мотиви и даваат на композицијата извесна урамнотеженост.
Борјана создава дела во затворен интимистички простор нагласувајќи го чувството на мир и хармонија. Фигурите се третирани во форма на дводимензионална упростеност (блиска на примитивната уметност). Ликовите добиле строг ан-фас, со ширум отворени, втренчени очи кои сугерираат интроспективен поглед. Во делата на Бoрjaнa се појавуваат библиски мотиви (со некои потсетувања на средновековната иконографија). Црната боја е присутна во различна ликовна функција и изразност, давајќи му на делото, што е случај и со белото извесно психолошко значење.
Авторката негува упростен цртеж и едноставна боја ставени во функција на дводимензионална контурно врамена фигурација поставена на рамна позадина. Опстојувањето на неколку секвенци во просторот на сликата дава сугестија на поврзаност на мотивите на сонот и на сеќавањето, заедно со “сликите од реалноста”. Борјана го отфрла објективното во корист на субјективното, а наивното доживување (поврзано со нагонскиот “конструктивизам” на формата и композицијата) добиле некаква тивка вознемиреност изразена во детските масковидни ликови. Во непосредното “изразување во слики” има извесна скромност што ја потврдува мислата на писателот Цезаре Павезе дека “во уметноста, може добро да се изрази само тоа што е примено наивно, со отворено срце”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top