Поранешниот генерален секретар на македонската ракометна федерација, Марјан Начевски, ќе го тужи голманот на Металург, Дарко Станиќ, за физички напад. Начевски тврди дека Станиќ му удрил бокс за време на инцидентите на мечот меѓу Вардар и Металург, кои се случија завчера во СРЦ „Кале“, објави „Дневник“.
– Седев во публика зад клупата на Металург. Откако Миркуловски доби црвен картон, го повикав да се качи на трибината за да не го казнат ако остане на клупата. Одеднаш голманот на Металург, Дарко Станиќ, пријде и почна да вика „сѐ е ова ваше масло, на судиите“ и ненадејно ме удри со бокс по лицето. Со ништо не го провоцирав Станиќ и не ни помислував дека може да стори нешто такво. До мене седеа двајца полицајци, кои не реагираа бидејќи Станиќ е актер на теренот, но рекоа дека ќе направат службена белешка. Случајот го пријавив во полиција, имам лекарско уверение за повредата и ќе го тужам голманот на Металург – изјави Начевски за „Дневник“.
Голманот на Металург негира каков било физички контакт и додава дека Начевски прави непотребни конструкции и дека си измислил физички напад од негова страна.
– Точно е дека имавме вербален дуел, но немаше никаков контакт. Таа верзија за удирање ја слушнав и јас, но нема ништо од тоа. Начевски и мене вербално ме нападна и нормално е дека му вратив, но сѐ остана на тоа. Што тој си смислил во главата е негова работа. Тоа воопшто не е вредно ни за споменување – вели Станиќ.
Од полиција потврдуваат дека има пријава за физички напад меѓу лицата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


