| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската литература за првпат на Саем на книга во Варшава

Република Македонија годинава за првпат ќе учествува на Меѓународниот саем на книгата во Варшава, Полска, што ќе се одржи од 18 до 21 мај 2017 г., а организатор на претставувањето на македонската книжевност и издаваштво ќе биде Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
На Меѓународниот саем на книгата во Варшава, кој е еден од најголемите саеми во овој дел на Европа, оваа година ќе учествуваат околу 800 издавачи од 32 држави од 5 континенти. Освен многубројните издавачи од Полска, штандови на саемот ќе имаат издавачи и од САД, Русија, Кина, Германија, Франција, Шпанија, Велика Британија, Австралија, Индија, Јапонија, Кореја, Турција, Аргентина, Чиле, Перу, Данска, Белгија, Холандија, Швајцарија, Шведска, Чешка, Романија, Хрватска итн. Земја почесен гостин ќе биде Германија, а на саемот ќе се одржат голем број книжевни средби, трибини и дискусии на кои ќе учествуваат околу 1000 автори од различни држави, меѓу кои се и добитници на Нобеловата награда и на други врвни книжевни награди и признанија.
Како организатор на претставувањето на македонската книжевност и издаваштво на овој голем интернационален саем на книгата во Полска, Националната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“ – Скопје, на македонскиот штанд ќе изложи околу 300 селектирани репрезентативни изданија од областа на книжевноста, културата и уметноста, објавени од нашите најреномирани издавачки куќи, заедно со избрани публикации од капиталните издавачки проекти 135 тома „Македонска книжевност“ (во оригинал и на англиски јазик) и антологии на македонската книжевност преведени на шест странски јазици (руски, француски, германски, шпански, кинески и арапски). За доближување на новата македонска книжевност до полските читатели и издавачките куќи, специјално се подготвени и отпечатени поединечни брошури на полски јазик за 14 современи македонски автори од помладата и средната генерација. Пред посетителите, акредитираните новинари, претставниците на издавачките куќи и книжевните агенти, ќе бидат претставени следниве автори (по азбучен редослед на презимето): Николина Андова-Шопова, Јулијана Величковска, Владимир Илиевски, Владимир Јанковски, Вера Калин, Стефан Марковски, Марта Маркоска, Владимир Мартиновски, Никола Маџиров, Марина Мијаковска, Блаже Миневски, Елена Пренџова, Давор Стојановски и Јовица Тасевски-Етернијан. Брошурите содржат био-библиографии, куси извадоци од критички осврти за делата и избрани песни или извадок од роман или расказ, во зависност од тоа дали авторот е поет или прозаист, како и контакт електронска пошта од авторот, а текстовите на полски јазик ги преведоа Здравко и Марија Стаматоски. Преку овие материјали што НУБ „Св. Климент Охридски“ наменски ги подготви за Меѓународниот саем на книгата во Варшава, на полската културна и читателска јавност ќе ѝ биде презентиран пресек од творештвото на автори од помладата и средната генерација кои се веќе етаблирани, односно чии дела се позитивно вреднувани од критиката, го имаат привлечено вниманието на македонската читателска јавност, во последниве години имаат добиено македонски и странски награди и признанија или нивните дела биле во најтесен избор, а до сега нивни книги не се објавени во Полска. На тој начин, НУБ „Св. Климент Охридски“ на Меѓународниот саем на книгата во Варшава ќе ги претстави актуелните книжевни тенденции и творечки достигнувања во Македонија, а брошурите, заедно со информации за Конкурсот на Министерство за култура за странски издавачи, на полски и на англиски јазик, ќе бидат дистрибуирани до издавачите од Полска и до сите други заинтересирани издавачи. Во овој контекст треба да се истакне дека последниве неколку години полските издавачи имаат објавено книги од повеќемина истакнати македонски автори од различни генерации, како што се Санде Стојчевски, Александар Прокопиев, Бранко Цветкоски, Весна Ацевска, Ермис Лафазановски, Славе Ѓорго Димоски, Лидија Димковска, Гоце Смилевски, Жарко Кујунџиски, Ѓоко Здравески и други, а претходните децении се објавени книги и од други еминентни македонски автори. Имајќи го предвид фактот дека на штандовите на полските издавачи ќе има книги од овие автори, НУБ „Св. Климент Охридски“ главно се фокусира на претставување на творештвото на македонските автори од помладата и средната генерација од кои не се објавени книги во Полска.
На 20 мај 2017 г. (сабота), во главната сала за промоции ќе биде организиран македонски ден на саемот во Варшава, на кој ќе биде претставена современата македонска поезија и проза. На книжевната средба ќе настапат афирмираните македонски автори Блаже Миневски, Јовица Тасевски-Етернијан и Владимир Илиевски. Овој централен настан на македонското претставување во Полска, НУБ „Климент Охридски“ го организира заедно со Амбасадата на Република Македонија во Варшава и изразува благодарност за поддршката на македонското дипломатско претставништво и на амбасадорот на Република Македонија во Варшава, г-ѓа Горица Атанасова-Ѓоревска. Модератор на книжевната средба ќе биде г. Пјотр Добролецки, издавач, новинар, главен уредник на списанието „Книги“ (Książki) и на списанието за литература „Остров“ (Wyspa), а на настанот ќе земат учество и проф. Лила Мороз-Грзелак од Полската академија на науки и г-ѓа Барбара Крамар, преведувачка и експерт за односи со јавноста и со медиумите.
На македонскиот штанд на саемот ќе бидат поделени и флаери за НУБ „Св. Климент Охридски“ на англиски и на македонски јазик, а исто така ќе биде презентирана и книгата „Пораките на Свети Климент Охридски“ од Претседателот Ѓорге Иванов, што НУБ „Св. Климент Охридски“ ја објави двојазично на македонски и на англиски јазик, во соработка со Кабинетот на Претседателот, по повод одбележувањето на големиот јубилеј – 1100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top