| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба со портрети од долината Омо во Уметничката галерија во стариот турски амам во Тетово

Во Уметничката галерија во стариот турски амам во Тетово отворена е изложба со шеесеттина фотографии од првиот советник при амбасадата на Франција во Македонија Доминик Готје…

Фотографиите се во црно бела техника, а претставуваат портрети на луѓе од долината Омо во Етиопија. Готје нив ги сликал во текот на две експедиции во оваа област во 2006 и 2007 година кога овој дипломат бил на функција во Адис Абеба. Изложбата беше во организација на канцеларијата на Француската Алијанса од Тетово.

Долниот дел од долината Омо каде се направени овие и многу други фотографии што не се застапени на изложбата, појасни на свеченоста Готје, е тешко пристапна област во крајниот југозапад на Етиопија на границата со Јужен Судан и Кенија.

Областа е откриена од Европјаните во доцниот деветнаестти век. Тука има десеттина племиња а дел од нив живеат на условно крајно примитивен начин но она што е видливо е дека тие имаат истанчен вкус за убавина и телесно украсување. Тие се природно убави со цртите на лицето и физичкиот изглед.

– Луѓето од тие племиња се познати по својата убавина и талент за телесна уметност, обликување на косата и нивниот накит. Во тие краишта жените носат импресивни плочи вметнати во усните, а овчарите коишто се прекалени воини сметаат дека нема потреба да го оптоваруваат телото со облека. Токму односот на фотографот со неговите модели ми овозможи да го овековечам моментот од нивното себеизразување, изјави Готје.

Претходно, изложбата на портретите на луѓето од долината Омо во Македонија била поставена во Скопје но големиот успех што го постигнала го мотивирало поставката да ја изложи и во Тетово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top