| четврток, 6 декември 2018 |

Плакати од Скопје постер фестивал ќе бидат изложени во Португалија

Плакатите од 9-от Скопје постер фестивал на тема „Криза на идентитет“ од 18 мај до 10 јуни ќе бидат изложени во метро станиците во Порто, Португалија… Презентацијата е резултат на соработката која организаторот на фестивалот – Здружението на дизајнери од Македонија Плакарт ја има со градот Порто и Универзитетот „Лусофона“.

Покрај изложбата, ќе биде организирана и конференција за дизајн на која говорници ќе бидат претседателот на Плакарт, Гере Постеров, основачот на познатото дизајн студио Силва Десигнерс, Хорхе Силва, и дизајнерот кој го иницираше ColorADD – проектот за олеснување на визуелната комуникација со луѓето со попречености во видот, Мигел Неива.

Плакарт соопшти дека во текот на летото изложбата ќе биде претставена и во Полска, САД, Кина…Во рамки на изложбата вклучени се 50 дела на млади дизајнери, кои учествуваа на 9. Скопје постер конкурс на тема „Криза на идентитет“. Постерите се дела на студенти по дизајн и визуелни комуникации од 24 земји, вклучително двете првонаградени плакати, добитниците на две специјални награди, шест почесни, како и останатите 40 плакати на финалисти.

Дел од поставката е и плакат на македонска студентка од Универзитетот Американ колеџ. Серијата патувачки изложби почна на 22 април со отворање на изложбата во Стартит центарот во Нови Сад, Србија.

Од 1-ви до 7 мај поставката беше презентирана на Неделата на дизајн во Литванија, по што ќе биде изложена на Академијата за уметности во Каунас.

– Изложбите имаат цел да ги пренесат моќните пораки на студентските плакати на тема „Криза на идентитет” ширум Европа и светот, соопшти Плакарт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top