Ракометната репрезентација на Македонија им се врати на победите во квалификациите за Европското првенство 2018 година, кое ќе се игра во Хрватска. Во скопскиот вулкан во СЦ „Борис Трајковски“ извојуван е триумф над Исланд со 30-25. Новиот селектор на црвено-жолтиот состав Раул Гонзалес и ракометарите ја имаа играта под контрола во текот на двете полувремиња и имаа само еден мал пад, кога лошо го отворија вториот дел. Голем придонес во победата даде и повратникот во репрезентацијата, „министерот за одбрана“ Борко Ристовски, кој забележи дванаесет интервенции и бранеше кога беше најпотребно, кога се кршеше резултатот во второто полувреме.
Гостите добро го отворија резултатот и поведоа со 2-0, но тоа беше само лош почеток на нашите ракометари, кои од тогаш, па до крајот на натпреварот ја контролираа играта.
Ристовски набрзина забележи две интервенции, по што со пеналот на Кире Лазаров изедначивме на 2-2. Борко влезе во ритам, одбран и зицер на Гунарсон, по што Стоилов донесе прво водство на „црвено-жолтите“. Во 11. минута Борко Ристовски ја забележи и петтата интервенција, Манасков од контранапад не беше прецизен, а веднаш потоа и Митков не реализираше, пропуштајќи можност да зголеми на „плус три“ при резултат 7-5. Сепак, заслужената позитива ја стигнавме во 12. минута, кога Манасков „украде“, а Кире Лазаров со својот препознатлив шут од контранапад зголеми на 8-5.
Во последните десет минути од првиот дел Македонија влезе со предност од четири гола (12-8), а Борко и Кире блескаа, за на полувреме да се замине со предност од 15-13. Вреди да се спомене дека нашата репрезентација водеше со 15-11 пред последната минута од првиот дел, но сепак, две грешки во нападите скапо нè чинеа, а казни Гудмунсон со два брзи гола. Одличен во првиот дел во нашиот национален тим беше капитенот Кире Лазаров, кој беше нерешлива енигма за одбраната на Исланд и имаше осум гола по осум обида.
Селекторот на Исланд ја промени одбраната на стартот на вториот дел и на својот национален тим, што даде позитивен исход во воведните пет минути. Гостинот со гол на одличниот Густавсон успеа да изедначи на 16-16, а потоа, преку Карасон, дојде и до прво водство на натпреварот по почетното (16-17). Македонија бркаше резултат и во 40. минута од мечот успеа да го врати резултатот во своја полза. Одлични во нападите беа Кузмановски, Георгиевски и Стоилов, кои дадоа три гола и донесоа два гола предност за нашиот национален тим (21-19). Во наредниот напад, Ристовски одбрани удар на Палмарсон, а на спротивната страна, капитенот Кире Лазаров погоди од пенал, за 22-19.
Раул Гонзалез реши да направи мала промена на голманите и да му даде шанса на Никола Митревски да брани пенал против Сигурдсон. Тој успеа вешто да го прочита ударот на противникот и доби овации од салата, но сепак, Лазаров не реализира на спротивната страна, па Исланд преку Магнусон од седум метри дојде до 22-20. Претходно, исклучен беше и Гоце Георгиевски, поради фаул врз Карасон.
Главен ракометар на Македонија во продолжението од мечот беше Филип Талески, кој испрати две „бомби“ од 10-ина метри и на нашиот тим му помогна да ја одржи предноста од два гола (25-23). Македонија влезе со предност од два гола и во последните пет минути од мечот (27-25), за потоа Кире Лазаров да погоди за три гола предност (28-25), а поради одбраните на Борко Ристовски, нашата репрезентаија дојде до победа од пет гола.
Најефикасен во победата на Македонија беше капитенот Кире Лазаров со 11 гола, а го следеше Талески со пет. Борко Ристовски, пак, забележи 12 одбрани. Кај Исланд најдобар беше Сигурдсон со шет сгола, а најдобриот ракометар Палмарсон постигна четири гола.
(Фото – А. Ивановски)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.