Првата заедничка македонско- српска владина седница помина во знак на потпишување на договорот меѓу министерствата за внатрешни работи и министерствата за здравство. Според говорите на двајцата премиери по средбата, наскоро треба да се очекува договор и за заемно признавање на документите и степенот на образование и стручни степени.
Министрите поединечно, а потоа и на пленарната средба, ги отвориле прашањата поврзани за образованието и за економијата.
На барање на српската бизнис- заедница, се работи и на упростување на граничната контрола во железничкиот сообраќај, потоа заеднички настап во однос на фондовите од ИПА, заеднички настап на трети пазари. Македонската економска политика наидува на големи пофалби во Србија, и во политичката и во бизнис-сферата. Така, Србија бара помош за воведување на регулаторната гилотина, односно пресликување на македонскиот модел за вадење градежни дозволи што било барање на српската бизнис-заедница, потоа српската влада е заинтересирана за четирите пакети на антикризните мерки. Оценките во Белград се дека Македонија добро се справила со последиците од економската криза. Исто така, оценето е и дека Македонија има одлични искуства кои добро би поминале во Србија во сферата на здравството, особено во методологијата за пресметување на цените на лековите, но и останатите зафати во здравството.
Заедничка оценка е дека оваа прва седница поминала со голем успех, најавени се редовни средби на годишно ниво, но и постојани комуникации и заеднички мешовити комисии во повеќе сфери.
Неизбежно, се отвори прашањето за односите меѓу двете православни цркви.
– Како држави не носиме одлуки за црковни прашања, но секако дека поттикнуваме дијалог и решение. И денеска разговаравме за тоа прашање и впечатокот е дека и двете држави се подготвени да потпомогнат во дијалогот меѓу црковните власти – изјави српскиот премиер Дачиќ.
Премиерот Груевски го искористи историско-верскиот датум кога и се одржа оваа средба.
– Како што денеска во Ниш, на празникот на цар Константин и царица Елена, се слават 17 века од миланскиот едит со кој беше прогласена верска рамноправност во тогашната империја, би сакал и нашите две православни цркви да пристапат кон затворање на единственото отворено прашање меѓу нас, со што заемните односи ќе послужат за пример во регионот – истакна Груевски.
РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА НА ПАТОТ КОН ЕУ
Околу евроинтеграциите, двете влади се согласни дека се исполнети сите критериуми, но и дека, за разлика од другите држави, пред Македонија и Србија се поставени и специфични услови.
– Свесни сме дека на патот кон ЕУ, државите од регионот се сретнуваат со услови кои ги немаа другите држави, но тоа не треба да нѐ обесхрабрува, ниту да нѐ демотивира – посочи премиерот Груевски кој нагласи дека посветено работиме и на реформите и на надминување на отворените прашања во регионот, преку регионални иницијативи и европски дух.
Дачиќ во однос на Србија, а во контекст на договорот со Косово, порача:
– Очекуваме да почнеме преговори, не очекуваме зелено светло, условни датуми. Ако Србија не добие датум сега, кога ова што го направивме, во смисла на стабилизација на регионот, кога би добиле? Затоа што ова не е прашање само за Србија. Ние ги исполнивме критериумите, сега не ни се потребни никакви условувања или одложувања, ние сметаме дека таа одлука треба да биде донесена сега и да ги почнеме во следните неколку месеци. Ние имаме слични проблеми кон ЕУ. Тие се различни по карактер, но суштински тоа се некои посебни услови. Но, ние не можеме да се жалиме, ние можеме само заедно да дејствуваме за да бидеме посилни – порача српскиот премиер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.