| четврток, 6 декември 2018 |

Американската НБА-ѕвезда Гивенс ќе нѐ предводи во невозможната мисија во Израел

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија утре патува за Израел, каде што ќе биде дел од претквалификацискиот турнир. Противници, покрај домашната селекција, ќе ни бидат и Германија и Португалија. Девојките патуваат без притисок, а официјално деби во нашата репрезентација ќе има Криси Гивенс, поранешна ѕвезда во женската НБА.

– Чест ми е што сум дел од оваа репрезентација, од проектот за развој на женската кошарка во Македонија. Да бидам искрена, не знаев премногу за вашата земја пред да дојдам овде, но сега можам да кажам дека сум многу пријатно изненадена и од љубезноста на луѓето, но и од желбата за работа на младите кошаркарки. Важиме за аутсајдерки во Израел, слушнав дека ова било како невозможна мисија, но јас верувам дека невозможните работи можат да станат реалност и ќе дадам сѐ од себе за да помогнам да се стигне до што подобар резултат – порача Гивенс на денешната прес-конференција.

Селекторот се соочува со сериозни проблеми бидејќи Антиќ и Муса, кои би требало да бидат предводнички на националниот тим, ќе го пропуштат овој меч поради повреди, а Јовановиќ не може да смета уште на три стандардни репрезентативки бидејќи тие токму во овој период мора да полагаат државна матура. Во една таква ситуација, искусната Моника Гаврилоска го прифати предизвикот одново да се врати на терените и уште еднаш да ѝ помогне на нашата репрезентација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top