Деновиве, до интернационалното членство на електронскиот форум Sefaradimuestro со седиште во Истанбул беше дистрибуиран текстот на потребната проза “Свадбата на Дорќол” од Томислав Османли.
Станува збор за електронско списание кое го уредува госпоѓата Шаропе Бланко, едновремено и преведувачка, како на овој, така и на неколкуте други раскази на македонскиот автор на Ладино, јазикот на балканските и меѓу нив на македонските Евреи. Sefaradimuestro е електронска публикација со бројно читателство, кoja објавува голем број есеистички, теоретски, историски и литературни прилози што се однесуваат на сефардската култура и идентитет.
Расказот “Свадбата на Дорќол” е потресна повест за Алегра и Јехуда Давидовиќ, и за нивната долго време присутна желба, да стапат во брак во предвечерието на Втората светска војна која со сета суровост стапува меѓу жителите на еврејските делови од белградските населби Дорќол и Јалија.
Авторот на расказот прибегнува кон едно необично решение: трансформирајќи ја посакуваната, а неостварена свадба, во еден перманентно обновуван ритуал, непрекинато остваруван во магновението на несудениот младенец, се’ додека е жив…
Овој расказ на Османли, до сега е објавен во Брисел на англиски, а во Белград и на српски јазик.
Инаку во писмото на уредничката Ш. Бланко до читателите на Форумот Sefaradimuestro, таа потсетува дека станува збор за уште една проза “на познатиот македонски писател Томислав Османли, инаку дел од неговата прозна збирка од девет раскази посветени на холокаустот, и која на јудео-шпански се именува “Las luzizikas de Hanuka” односно “Светилка за Ханука”.
Уредничката Бланко во истото обраќање на членовите на форумот Sefaradimuestro на кои тоа повеќе им одговара испраќање превод на прозата на Османли во превод и на англиски јазик, но по лично барање од членовите.
Томислав Османли е единствениот нееврејски автор од Македонија чие творештво е објавено на јазикот Ладино, и тоа повеќе пати до сега.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.