Под насловот „Тајното братство на носталгичарите“, деновиве излезе од печат уште една збирка раскази на Томислав Османли.
Станува збор за богат избор од кратки и долги прози на писателот познат како автор и на скопски теми. Еден од тие раскази во кои се открива авторскиот носталгичен пристап, и’ го позајми насловот на целата книга која вклучува триесет и еден расказ.
Во преговорот „Нестивната носталгија“ писателот и издавач Глигор Стојковски, бележи: „ Не можат многу македонски писатели да се пофалат со повеќе изданија на своите книги. И не се многу книгите од македонски писатели, за жал, за кои читателите покажуваат (по)долго, несмалено интересирање. Расказите на Османли, но и романите, се изборија за овој привилегиран статус. Со прекрасниот книжевен јазик, се разбира, со изборот на темите, со модерното раскажување… Со поетиката на поигрување со времето и просторот која ја негува, доследно и успешно (во расказите во „Каприча“ и не само во нив, во романите „Дваесет и првиот“, „Зад аголот“, во дистопијата “Бродот. Конзархија“… ) со која сѐ започна, токму со првичните враќања во минатото, со носталгијата за минатото време, на Градот и векот. Времето-просторот, минатиот век и загубениот и книжевно пронајден Град од минатото, се фундаменталните хронотопи, полето на кое Османли продолжи да гради книжевни игри низ времињата. “
Книгата „Тајното братство на носталгичарите“ објавена како 23та книга во изклучителниот авторски избор од библиотеката „Збор по збор“ на книгоиздателството „ВиГ Зеница“, содржи прози со лирични и драматични чувствувања на луѓето и на ликот на предземјотресно Скопје, куси или поопсежни прозни посвети на едно исчезнато време и сосем изменет поростор, раскази исполенти со ведрата колоритност, со надежите, љубовите и разочарувањата, главно на малите луѓе од некогашниот град; а во продолжение, и теми од холокаустот над скопските Евреи, како и прозната фантазијата „Корто Малтезе во скопската чаршија“, најновата проза на Османли. Тоа е еден од двата расказа, посветени на полуларниот стрип јунак и вградени во по една во двете најнови прозни збирки на Османли.
Најновата објава го вклучува аналитичкиот поговор на Проф. Д-р Весна Мојсова Чепишевска насловен „Скопје – имлицирана семиотика на средиштето“ во кој авторката ги открива медитеранските здивови и универзалистичката колоритност во скопските прози на Османли, и меѓу останатото, пишува: „Како му успеа на Османли да го направи Скопје средиште на светот? Или како средиштето на светот го помести и го смести токму во Скопје? Како сувоземното Скопје воспоставува врски со далечното море, како тоа Скопје создаде и остава траги на некаква нејасна, но упорна желба одредени слики да се поврзат со медитеранизмот? Тоа се прашањата кои провоцираат од овие приказни од Скопје. (…)“
За дела од сценаристичкото и театарско творештво, како и за своето прозно творештво кои за тема го имаа минатото и сегашноста на Градот, Томислав Османли дури два пати, во 1987-та и потоа во 2002-та година, беше прогласуван за добитник на Наградата „13 Ноември“ кое ја доделува Собранието на градот Скопје.
Неговата книга „Тајното братство на носталгичарите“ беше еден од проектите избрани и финансиски поддржани на конкурсот за уметнички творби и други проекти од културата, што кон крајот на минатта година го распиша, и годинава го реализира Собранието на Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.