| четврток, 6 декември 2018 |

Република Македонија со помала невработеност од Грчката Македонија

Според пресметките на „Евростат“, невработеноста на младите во Унијата варира од 4,2 во развиениот дел на Европа до 72,5 отсто во овој дел на Грција, пишува Дневник

Greek-unemployment

Регионот Северна Македонија во Грција е неславен рекордер меѓу сите 270 региони во Европската Унија по невработеноста на младите. Според последните податоци на „Евростат“, во овој регион, кој во Грција се нарекува Западна Македонија, а каде што речиси 75 проценти од населението се од македонско потекло, стапката на невработеност меѓу младите е неверојатни 72,5 процента. Во Република Македонија невработеноста е околу 30 отсто, а меѓу младите тој процент надминува 40 отсто. Статистиката е за лани, а според пресметките на „Евростат“, невработеноста на младите во Унијата варира од 4,2 проценти до рекордните 72,5 отсто во овој дел на Грција. Просекот во ЕУ е 22,9 процента – толкав процент млади на возраст од 15 до 24 години се невработени.

Но регионалните разлики се навистина големи. Најмала невработеност меѓу младите „Евростат“ регистрира во германските области Обербајерн, каде што само 4,2 проценти од младите се невработени, Тјубинген, каде што стапката на невработеност меѓу младите е 4,5 проценти, и Фрејбург со стапка од 4,8 отсто. Ако се изземе Северна Македонија како рекордер по овој критериум во областите со најголема невработеност меѓу младите, следуваат шпанските Цеута каде што стапката е 70,6 проценти и Kанарија со стапка на невработеност на младите од 62,6 проценти.

Регионот Северна Македонија, или Западна Македонија како што се нарекува и во Европа, е всушност делот од Грција што граничи со Македонија. Има територија од 9.452 квадратни километри, а се простира меѓу градовите Лерин, Kостур, Kожани, Гревена. Таму, се смета, две третини од населението се од македонско потекло. Од Обединетата македонска дијаспора во Грција велат дека оваа ситуација ги загрижува. Проблемот го лоцираат во политиката на Грција кон овој дел од земјата. Според Евгенија Нацилиду, претставник на Обединетата македонска дијаспора во Грција, Македонците однапред се осудени да не можат да најдат работа поради потеклото, а и немаат можност за погранична соработка оти Грција ниту сака ниту има намера да ги отвори граничните премини Соботско во областа Пела и Маркова Нога во грчка Преспа. Тврди дека не само западниот дел од грчката област Македонија, ами и централниот дел се соочува со истата ситуација.

– Во тој дел влегува и Солун, каде што младите се обидуваат да најдат прибежиште и некаква егзистенција, но ако не се земе предвид Солун, тогаш ситуацијата е комплетно иста како во регионот во кој има најголема невработеност според „Евростат“. Секојдневно среќаваме млади луѓе што не основале семејства и останале сами оти немаат средства да се издржуваат. Речиси сите бараат начин како да заминат во Австралија, Америка или во други европски земји само за да не останат во Грција – вели Нацилиду.

Таа додава дека Европската Унија мора да најде механизми со кои ќе ја натера Грција да ја смени политиката кон овој дел од земјата. Тврди дека во лоша економска состојба, освен Македонците, се и Власите и Турците во овој регион.

Инаку, меѓу топ-десетте региони каде што невработеноста меѓу младите е исклучително висока се најдоа уште пет грчки региони. Всушност, меѓу овие десет има само грчки и шпански области.

Северна Македонија е меѓу областите со највисока вкупна невработеност од сите региони во Европската Унија. Стапките варираат од 2,5 процента невработеност во австриските региони Салцбург и Тирол, 2,7 отсто во германските Тјубинген, Обербајерн и Триер до стапка на невработеност од 38,5 проценти во шпанскиот регион Цеута, 34,6 отсто во Андалузија, а 29,9 проценти во регионот Северна Македонија во Грција, објави Дневник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top