| четврток, 6 декември 2018 |

Сардич МЦ: Рудникот во Казандол нема да предизвикува никакво загрозување на животната средина

slika

Рударскиот комплекс во Казандол се очекува да ја заврши градбата до крајот на годинава и да почне со производство. Досега се завршени 30 проценти од изградбата, а опремата која ќе се инсталира е најсовремена од финската компанија Аутотек. Процесот на производство е еколошки безбеден без штетни емисии во атмосферата, подземните и површинските води.

Ова го истакнуваат во интервју Генадиј Сичов, потпретседател на Копер Инвестмен и Бошко Сибиновски, директор на Сардич МЦ кои се инвеститори на комплексот во Казандол.

– Во август минатата година кога беше означен почетокот на реализацијата на проектот. Почнавме веднаш со изградба на сите објекти и воедно продолживме и со сите активности поврзани со еколошката безбедност, заштитни мерки предвидени во нашиот проект и социјална активност меѓу населението во Валандово, рече Сичов, додавајќи дека во процесот на изградба се почитуваат сите еколошки стандарди вградени во Студијата за оценка на влијанието врз животната средина.

Истакнува дека законската регулатива на Република Македонија е доста строга по прашањата за заштита на животната средина и оти се испочитувани сите прописи, но независно од тоа што е спроведено направена е и дополнителна независна еколошка ревизија од страна на финската компанија ПОИРИ која даде позитивен заклучок за проектот.

Во интервјуто Сибиновски појаснува дека ќе се користи технологија на познатата финска компанија АУТОТЕК која се применува во три фабрики во Финска и во уште 30-тина во светот.

Оваа компанија е една од најпознатите во светот и зазема едно од првите места по прашањата за еколошка безбедност. Опремата се користи и во Финска, земја со највисоки еколошки стандарди, вели Сибиновски.

Истакнува дека станува збор за комплекс од кој нема емисии во животната средина. – Нема топење руда, туку се работи за безбеден затворен еколошки процес без емисии надвор. Нема испуштање на индустриски води. Во нашиот комплекс производниот процес е технолошки поврзан во циркулација на растворите кои ги добиваме со лужење на рудата. Лужењето е процес во кој се врши оросување на руда која е првично дробена, значи немаме прашина. Рудата се оросува со многу слаб раствор на сулфурна киселина по систем капка по капка со што се спречува испарување и се добива бакар сулфат од 0,15 проценти како конечен продукт во хидролошки објекти, а тоа е синиот камен, којшто во земјоделството се користи како еколошки пестицид познат како бордовска чорба. И од тој раствор на бакар сулфат ги добиваме бакарните катоди со помош на електролиза. Растворот циркулира постојано. Имаме своја пречистителна станица во која се прочистуваат отпадни води од човечка употреба од административната зграда кои ги насочуваме во циклусот на производство, потенцира Сибиновски.

Додаваат дека разликата од технологијата што се користела во старите рударски комплекси е што таму се користи ткн. пирометодологија која вклучува топилници и процес во кој има киселинско испарување.

Ние дојдовме во Валандово да работиме, да отвориме работни места во кои ќе работат жителите на Валандово и да се грижиме за Валандово, бидејќи Казандол и Валандово се нашиот дом во идниот период. Заштитата на животната средина и интересите на граѓаните се наш интерес и наш приоритет, истакнува Сибиновски и додава дека постојано го информираат локалното население и одговараат на нивни прашања за што имаат и воспоставено Отворен ден во подружницата во Пирава.

Во врска со иницијативите за спроведување референцум, вели дека не е запознат со таа законска материја, но уверува дека Рударскиот комплекс Казандол воопшто нема да предизвикува никакво загрозување на животната средина.

Посочува дека како потврда дека компанијата вложува во заштита на животната средина и здравјето на луѓето говорат и бројките. – За заштита на животната средина и здравјето на луѓето проектиравме повеќе од 10 проценти од вредноста на целата инвестиција, притоа се предвидени 2,5 милиони евра при изградба и функционирање на комплексот и дополнителни 1,2 милиони евра за реализација на проектот за рекултивација на просторот по завршување на експлоатацијата, рече Сибиновски.

После експлоатација, велат, ќе добиеме зелена зона на која ќе се изврши рекултивација, на која ќе остане земја, а не јаловина, земја која нема да има еден елемент од претходната состојба, тоа е бакарот. И оти местото може да се користи како излетничко.

Пресметките на компанијата, како што велат во интервјуто Сичов и Сибиновски, покажуваат дека околу 450 илјади евра годишно ќе влегуваат директно во буџетот на самата општина од работењето на рудникот.

Инвестицијата е во вредност од 35 милиони евра, а се очекуваат 250 вработувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top