| четврток, 6 декември 2018 |

Европа парализирана од снежна бура (ВИДЕО)

Обилни снежни врнежи ги зафатија синоќа централните региони на Европа, при што беше парализирано движењето на автомобилите на главните автопати, јавуваваат европските медиуми.


Стотици возачи заглавија во сообраќајниот метеж, претежно во покраината Долна Австрија. Голем број сопственици на автомобили поради топлото време и летните температури во март побрзаа да ги сментат зимските со летни гуми и сега станаа заложници на снежната бура.

За неколку часа беше прекинато движењето и на дел од патот меѓу Санкт Полтен и Виена.

Во едно од училиштата во градот Аланд брзата помош организира времен центар за преноќување на возачите на моторни превозни средства.

Невремето ги зафати и покраините Штаерска и Бургенланд, а во Виена врнеше снег помешан со дожд, кој засега не доведе до никакви проблеми во сообраќајот.

Метеоролозите предупредуваат дека не се очекува подобрување на ситуацијата во блиско време. Кон крајот на неделата во Долна Австрија и Штаерска температурите може да паднат и под нулата.
Во многу делови на Хрватска и Босна и Херцеговина падна снег, а според најавите на метеоролозите снег се очекува денеска и во Србија.

Невреме проследено со снег и силен ветер зафати делови од Балканот и остатокот од Европа. Неочекуваниот снег го отежна сообраќајот во Босна и Херцеговина каде се задржа на улиците и предизвика одрон на земјиштето, додека во Сараево снегот предизвикал и проблеми со снабдувањето со вода.

Во соседна Србија освен на планините, снег падна и на пониските места. Дневните температури беа значително пониски за овој период од годината, а според прогнозите, подобрување на временската состојба се очекува следната недела. Снегот ги погоди и континенталните делови на Хрватска. Брегот на Јадранско Море беше зафатен од поројни дождови и силен ветер, а на места имаше и бура.

Ситуацијата не е поинаква ни во Европа. На повисоките места во делови од Германија температурата достигна до -10 целзиусови степени. Врнежи од снег ги изненадија и жителите на Киев каде снежната покривка достигна 10 сантиметри, при што голем број на летови беа откажани.

Снегот го отежна сообраќајот на автопатот кој ги поврзува Прага и Дрезден во пограничниот предел во планинскиот терен, каде снежната покривка достигна неколку сантиметри, а слична е состојбата и на истокот на Чешка. Невреме и заладување во овој дел на Европа се очекува до крајот на неделата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top