| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе ја врати смртната казна – Ердоган најавува нов референдум!

ердоган

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, откако прогласил победа на референдумот за уставни промени, изјавил дека е подготвен да организира нов референдум за повторно воведување на смртната казна во Турција.

Одговарајќи им на собраните луѓе кои скандирале „смртна казна“, Ердоган рекол дека сега ќе разговара за тоа со премиерот Бинали Јилдрим.

„Ако опозицијата поддржи повторно воведување на смртната казна, јас ќе го одобрам тоа, а ако не го сторат тоа, тогаш ќе организираме нов референдум“, додал претседателот на Турција, кој со уставните измени ќе добие проширени овластувања, пишува „Express”.

Ердоган веќе ја споменувал можноста за враќање на смртната казна после неуспешниот пуч на 15 јули 2016 година. Таа казна била укината во 2004 година поради кандидатурата на Турција за прием во Европската унија. Во меѓувреме, односите помеѓу Турција и ЕУ во последните месеци значително се влошиле, бидејќи Германија забранила три собири на турската заедница поради промоција на референдумот за овластувањата на Ердоган, а потоа истото го направи и Холандија.

Инаку, Ердоган победил за влакно: врз основа на 99 отсто пребројани гласови, 51.3 отсто од гласачите гласале за промени, додека 48.3 отсто биле против, соопштила изборната комисија. Овој тесен резултат укажува на длабоката поделеност на турскиот народ во однос на промените, бидејќи противниците на „реформите“ победиле во трите најголеми градови во земјата.

Освен тоа, „големо разочарување“ претставува победата на гласовите „против“ во неговиот роден град Истанбул, престолнината Анкара и третиот најголем град Измир.

Освен промената на системот на владеење, исходот од референдумот може да има пошироко влијание на Турција, која се приклучила на НАТО во 1952 година и која во последните 50 години се обидува да стане членка на ЕУ. Со воведување на претседателскиот систем, Ердоган би имал овластувања да поставува министри, а целата бирократија би била централизирана во неговата претседателска палата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top