| четврток, 6 декември 2018 |

Џихадистите негираат: Немаме загуби по бомбардирањето во Авганистан

Терористичката џихдистичка организација Исламска држава испратила соопштение до агенцијата AFP во коешто се тврди дека нејзините борци не претрпеле никакви загуби како резултат на бомбардирањето со супербомбата во четвртокот вечерта во Авганистан.

Во соопштението биле истакнато дека немало никакви загуби „ниту загинати, ниту ранети“.

Во четвртокот вечерта САД првпат ја употребија својата најмоќна ненуклеарна бомба „GBU-43/B“ наречена „мајката на сите бомби“, со тежина од 9,5 тони и моќност на експлозијата споредлива со 11 тони ТНТ. Цел бил системот пештери и тунели во округот Ачин, во провинцијата Нангахар на границата со Пакистан, кој го користела локалната ќелија на Исламската држава.

Според официјалното соопштени на авганистанската влада, во операцијата за којашто се наведува дека била заедничка на авганистанските и меѓународните сили во оваа земја, биле убиени 36 бунтовнички борци, а нема настрадани меѓу цивилното население.

Според процените, САД поседуваат 15 вакви супербомби. Официјален Вашингтон соопшти дека овој удар ја покажал решеноста на администрацијата на Белата куќа да ја разбие оваа терористичка организација.

Истовремено агенцијата Associated Press (AP) во петокот пишува дека на командантот на американските и НАТО силите во Авганистан, генералот Џон Николсон, не му било потребно одобрување од американскиот претседател Доналд Трамп за да ја употреби најмоќната конвенционална бомба во вооружувањето на САД. Тој претходно изјави, без да наведе детали, дека бил во постојан контакт со функционери во Вашингтон во текот на операцијата.

Според сознанијата на агенцијата генералот Николсон има постојано овластување за користење на оваа бомба. Се истакнува и дека бомбата „GBU-43/B“ во Авганистан била донесена во јануари годинава.

Неименуваниот извор на AP рекол дека Николсон ја донел одлуката да ја примени тешката бомба не само поради уништувањето на објектите кои ги користела Исламската држава, туку за да им ја демонстрира на челниците на оваа организација решеноста таа да биде целосно ликвидирана.

Употребата на супербомбата во Авганистан не претставувала порака за ниедна земја, вклучително и за Северна Кореја, наведува натаму агенцијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top