| четврток, 6 декември 2018 |

Пророштва

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

 

Да се насетува со интуиција, која инспирира или застрашува, да се добие молскавична визија за некое собитие или прокоба, да се пророкува, тоа е непоимлива состојба на свеста, која знае секого длабоко да вознемири. И тaa вознемиреност почнува да расте, да станува толку доминантна, што никако не ви дава мир и спокој, а целото ваше битие да се посвети со манијакална пасионираност на пророштвото.

Најчесто овие визии се потиснуваат, луѓето на некој чудесен начин ја насетуваат целата конфликтност и асоцијалност, која доаѓа со едно поскрупулозно предавање на пророчките визии.

Никој не сака да биде малтретиран! Ова не е фраза, туку вселенски закон и вистина за секого.

Но има луѓе со неостварливи идеи и непоимливо силна волја. Ова се луѓето што вршат терор врз остатокот мирни и тажни граѓани на Поранешната Југословенска Република Македонија.

Ужас во погледот. Како стаорец во стапица. Во параноичниот крик на расцепената стварност се појавува најневеројатното собитие со целиот свој ужас, во некоја исконска состојба на свест, која продира од заумното.

Ваквите искуства воопшто не се пријатни, напротив. На егзотеричен план, овие феномени изгледаат како силен епилептичен напад или некаква агониска состојба кај протагонистот.

Од друга страна, пак, на езотеричен или мистичен план, овие доживување се, всушност, патување во една сосема поинаква реалност, нешто што, едноставно, е непоимливо од позициите на вообичаената егзистенција со сите нејзини перцептивни и когнитивни консеквенции.

И токму во тоа посветено тонење до самата суштина на битието, пророкот доаѓа до зоната во која просторот и времето стануваат иманентни на неговата свест. А потоа, и на неговата волја, без оглед колку и да била ослабена или дисторзирана во ваквите моменти на посебни искуствени состојби.

Ниту можеме ова да го наречеме лудило во патолошка смисла, ниту, пак, да пронајдеме емпириски пандан за ваквите изблици на невообичаено однесување.

Во православната мистика вак­вите личности се наречени јуро­диви, но треба да се биде крјано деликатен во пристапот и во компаративниот процес. Да се препознае божественоста од тешка перспектива и да се оддели од психопатолошките состојби. Со цел респект кон ментално болните луѓе, кои треба да се третираат со најдлабока емпатија и милосрдие, јуордивоста е длабок вселенски дијалог, кој пророкува еднакво прецизно и вистинито како и старозаветните пророци.

А пророштвата се подложни на историската верификација. Ова е една многу едноставна ментална операција. Го имаме пророштвото, а потоа го имаме и собитието. Ако пророштвото точно го предвидело собитието, тогаш имаме валидно претскажување на иднината. Тука нема лажење. Тоа што сме заробеници на времето, на пророштвата (тие што се остваруваат) им се восхитуваме со стравопочит. Обично, овие реализации на умот доаѓаат post festum.

Аха! Тоа што го кажа тој човек, се оствари? Тоа создава респект и пиетет кон пророкот. Да се гледа во иднината е навистина редок дар, за малкумина избрани од овој свет.

Посебно денес, кога повеќето од нас не ни сакаат да знаат што ќе биде утре, иако планираат со идиотска посветеност до најситен детаљ.

Реалноста е секогаш поинаква, наспроти сите наши логички претпоставки, таа е секогаш нешто друго, нешто што постои наспроти сите наши очекувања. Но ние сме приспособливи сонувачи. Тоа повеќе го практикуваме како релаксација, како рекреација на телото, отколку како истражувачи на духот.

Многу познати пророци уште од најдревните времиња, па сѐ до денес, своитеe визии ги добивале во сон или, пак, во некој вид полусон. Всушност, едно губење во потсвесното. Верификацијата на точноста на пророкуваното, и тоа во многу наврати, го прославува ликот на пророкот. Тој, едноставно, се вградува во колективната меморија на одредена култура.

Се сеќаваш ли на Човекот од Македонија? – ми се обраќа маршалот Жешков, со кого често правиме екопатроли по велеградот.

Како да не! Никогаш нема да го заборавам него и неговите пророштва.

Таму, негде, при крајот на 1999 година, во еден наш дневен весник… каде ли беше?!

Во „Вечер“, маршале!

А, во „Вечер“ ли беше?! Е, таму, овој, човекот од Македонија, рече дека за овие бомбардирања врз СРЈ од страната на САД со НАТО, во улога на војнички хор, ќе следува стравотна казна. За две години…

Мислиш на кулите во Њујорк Сити, маршале?!

Да, на тој стравотен удар.

Велат, биле однапред минирани, велат, дека во нив удриле ракети „томахавк“, а дека за телевизиите, тие 27 канали што го снимија ударот на авионот во втората кула, имало бланко доцнење на сликата од половина минута. Тоа значи, дека однапред биле направени 3Д анимации на авионот, кој удира во втората зграда и тоа токму во моментот на експлозијата се монтира целиот анимиран клип, а потоа се емитира по телевизиските канали симултано. Неверојатна компилација, во која учествувале стотици агенти на Дип Стејт.

Јас бил рекол, неколку илјади, сите капацитети на „длабоката држава“ беа впрегнати во оваа терористичка операција од невидени размери.

А човекот од Македонија сето ова го пророкуваше. Велат, бил аскет и осаменик, кој живее во дивината и патува низ планините и шумите на Македонија.

Средбата со него била речиси невозможна, слично како во сведочењата на истражувачите од Ahnenerbe за средбата со Uebermensch.

Не толку драстично, маршале. Човекот од Македонија е повеќе испосник, можеби јуродив, отколку некој со толку деструктивна вибрација како Uebermensch, oд која им потекувала крв од носот и од ушите на истражувачите од Ahnenerbe кога ќе се доближеле на помалку од 10 метри од него.

Да не бил некој вонземјанин, тој Uebermensch?

Кој ќе го знае, маршале, сѐ се тоа ентитети од една сосема подвоена стварност.

Што би рекла баба Ванѓа за сето ова?

Велат, дека била непогрешлива во пророштвата, Бог да ја прости.

Секако. Едно нејзино пророштво никако не ми даваше мир, сѐ до пред неколку дена. И, одеднаш, сѐ дојде на свое место.

Што, тоа, маршале?

Гледаш, таа пророкуваше дека последниот претседател што ќе владее со САД ќе биде црнец. Поточно, 44. претседател на Америка.

И сега е 45. претседател – Доналд Трамп.

Мислев дека баба Ванѓа сепак згрешила, зошто Трамп најавуваше мирољубива политика. Но, по она ракетирање со ракети „томахавк“ во Сирија, изгледа дека истата игра на „длабоката држава“ продолжува, а тоа му дава шанса на ова пророштво да се оствари.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top