| четврток, 6 декември 2018 |

Одговорност

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Без одговорноста ниедна етика, никаков морал не можат да ја остварат својата суштина. Напротив, остануваат празна реторика и куп лаги. Но, практично, нема човек, кој не се соочил со својата совест, доколку во одредена ситуација не бил одговорен кон нешто или некого, кон одредена доблест или вистина.

Облаците поминуваат, времето тече, а ние гледаме многу малку одговорност на нашата политичка сцена. Посебно од тие, кои „го водат орото“, од тие, кои со закани и притисоци станаа власт. Ништо подобра не е ситуацијата во светот, а во некои делови од планетава зацарувал вистински пекол во општествената реалност. Но, „сето тоа народот ќе го позлати“ (Лаза Лазаревиќ, 1881 г.). Повторно со закани, притисоци и со насилство.

Отсекогаш било така, недостигот од одговорност, која би произлегла од почитта кон другиот, созадава револт и конфликти, а има ли помала одговорност од човека што има позиција на роб?

Овој глобален систем, во кој одговорноста е сведена на минимум, создава заробеници и зависници, создава безумни несреќници и толпи како зомби.

Антропоморфните стада гнуа и зебри јуришаат кон апсурдот, создаден од немите агит-проп-клеветници и лажговци. Тие сите нешта ги гледаат низ призмата на парите, а, понекои, и низ волјата за моќ. Тоа се тие што веќе се задоволиле со пари и сега скокаат по парче историја. Секое месијанство е некаков почеток на духовноста, колку и да е атеистички и империјалистички поставена оваа фанатична идеологија, на моменти окултна и подобна на секта. Веројатно, одговорноста останала само во рамките на оваа елитна дружина, како на пуст остров сред океан од немост и манипулација.

Овие проблеми и така никој не може да ги реши, поради енормната комплексност на нивната причинско-последична структура. Тие, кон тоа, и се мултиплицираат и создаваат сѐ покомпликувани мрежи и лавиринти на каузалност. Така, со ваквата емпирија, тие што треба да се одговорни, а не се, ја оправдуваа својата целосна индолентност кога се работи за нивната морална должност кон другиот. И тогаш, тие се малодушни и апатични, но кога на патот доаѓаат лукративните афери, еве ти ги, орни и многу динамични, заинтересирани до бесвест и со начулени уши како чакали.

Сега е време за жетва. Од каде? Секако, од буџетот, а од каде, кога не гледаме инвеститори на повидок. Со нивното неморално чинодејство во процесот на преземање на власта, се легитимираа како криминалноориентирани политиканти без одговорност и кредибилност, а од таквата дружина сатрапи бега секој разумен и чесен бизнисмен.

Ја добија власта, но го загубија своето достоинство. Вербата во нив остана само кај тие, кои очекуваат позиција, за која, впрочем, се утепаа од работа во предизборието.

Но, за волја на вистината, има премалку „добри“ места за премногу аспиранти. А и треба да се враќа долг.

Тој, финансискиот, полесно ќе оди. Добро ќе се заграби во буџетот. Досега најголемиот и најамбициозен буџет во историјата на Република Македонија, што го создаде минатата влада. Во досега најобемната програма на ВМРО-ДМПНЕ беа испланирани стотици проекти, кои требаше да ангажираат огромен број вработувања и да создадат предуслови за нов голем скок во економијата на државата. Но, граѓаните, за жал, тие 350 илјади гласачи на СДСМ, останаа и глуви, и слепи за овие понуди. Тие паднаа на болшевичката пропаганда со криминалните интенции, инсинуации и инкриминации во стилот – „држете го крадецот“, но и на неколкуте предизборни балони напумпани со лаги, од типот – „30 илјади денари просечна плата и 16 илјади денари минималец, плус 12 илјади денари социјална помош“ за дремењето пред селските кооперативи да изгледа како дебатен клуб, а навивачите на Комуњарец да добијат убедлива илузија, дека се некаква организација.

Во последниве години лошотијата на исфрустрираните крипто-комунисти, сега пребоени во неолиберали, ескалира до невидени пропорции. Како ли ќе се легитимираат, кога повторно ќе дојде до големи геополитички промени во светот, промени со историска магнитуда како тие во 1989 година, кога се урна Берлинскиот ѕид или таа, од 1939 година, кога фирерот го почна својот блиц-криг?

Но, тие, едноставно, не мислат на иднината, и ако тоа го прават, го прават само кога се работи за пари. Манијачката одговорност кон сопствениот финансиски бенефит ги неутрализира сите други одговорности, а кон татковината и народот чувствуваат само одбојност и презир. Би рекол, дека отсуството на одговорност кон виталните интереси на државата е, всушност, дел од нивната интимна идеологија, нивното патолошко обожување на омразата и бескрајната посветеност на концептот на одмазда, како доктрина на нивната бласфемична догма.

Затоа безидејноста и апатичноста надоаѓа како поплава од ниски страсти, што од улиците и булеварите, по кои маршираа „шарените“, се вселија во владините кабинети, а оттаму зрачат кон општествените системи како отпадок на пристојноста, на добриот вкус и на одговорноста. Кога на сето ова ќе се додаде и садистичкиот карактер на бирократите на НАТО и на ЕУ, тогаш е јасно сето ова ужасно и дегенерирано однесување на курентните властодршци.

Од заколнати борци против империјализмот, станаа негови најогнени апологети. Тие што сега повторно ја узурпираат власта, наспроти народната волја и со бесрамни манипулации, кои до пред некое време го обвинуваа ВМРО-ДМПНЕ за врховизам и за пробугарски ставови, денес, каков парадокс, одеднаш им го продаваат македонското име на Грците, а со Бугарите се – „с’шти народ“. Каков пресврт на СДС–врховистичка.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top