Како ирвас, кој ака по бескрајните тундри на одговорноста, Коце Трајановски, последниот рицар на градителската алијанса, ја бара својата инспирација за доблесни дела. Но, тешко ја наоѓа, посебно денес, кога акрепите од „длабоката држава на нем начин “ создадоа нова владејачка гарнитура, составена, главно, од гниди, крлежи и од по некој морж.
Еклектичките и крајно непринципиелни стратегии во создавањето на новиот светски поредок воопшто не го загрижуваат последниот рицар на патриотската градска администрација. Тој останува верен на каузата да се изгради што повеќе, да се направи уште нешто, додека од гангстерските бусии на Комуњарец (претпријатието за лаги, клевети и за измами) пукаат по рицарот Коце и кога треба, и кога не треба. Да не му се даде шанса да реализира ниту еден проект повеќе, па макар тоа била уште една велосипедска патека, како таа што требаше да се постави од Кисела Вода до Ѓорче Петров.
Така рицарот Коце мора да бара нови стратегии и тактика. Да гради ноќе, додека кодошите од Комуњарец спијат, или во најжешките делови од денот, кога сите непријатели на суверена и независна Македонија лежат под своите прашливи и поткинати сомбрера преживувајќи ги горештините, од кои и камилите се тресат од страв и од ужас.
Но рицарот Коце не попушта, тој е во перманентна потрага по решенија, кои ќе им го олеснат животот на граѓаните на Скопје.
• Треба да му се подигне монумент на овој македонски дон Кихот. На овој невиден неимар на денешницата.
• Добро, маршале, по кој повод би правеле таква бласфемија? Да му подигаме споменик на жив и толку витален здрав човек, како што е Коце – Бог да го чува и брани.
• Токму затоа! Затоа што друг рицар не се појави со такви способности и, што е најважно, со толку дела зад себе. Коце треба да влезе во Гинисовата книга на рекорди според своите екстраординарни заслуги – со толку мал буџет да направи толку многу за градот. Замисли што ќе направеше од Скопје, место три автопатишта, државата да проектираше само два, а буџетот од 250 милиони евра за третиот автопат да му го дадеа на Коце за да проектира и реализира некои многу потребни проекти за метрополата. Со сите овие средства градоначалникот на градот Скопје – господинот Коце Трајановски, последниот рицар на веќе детронизираната владејачка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го решеше сообраќајниот метеж градејќи десетици кружни текови и исто толку надвозници и подвозници и маса други проекти, а ќе останеше и по некој милион евра за уште неколку значајни споменици на историски личности, суштински за Република Македонија и за светот.
• Кој тоа црни споменици, маршале?! Та, зар не гледате дека токму поради тие споменици падна владата на ВМРО-ДПМНЕ, која беше најдобрата и најуспешна администрација откога постои македонска држава. Единствено подобри од нив, веројатно, но многу извесно, биле тие владетели и администратори од времето на Филип II и на Александар III Македонски, кога Македонското Кралство прерасна во најсилната империја на стариот век, распространета на три континенти.
• Аферим џанум ашколсум, право зборуваш! Немам забелешка на оваа многу егзактна мисла во историската перспектива на нашата татковина. Штета што вулгарните материјалисти и предавници на светото македонско царство секогаш се подготвени да заменат вера за вечера и гласаа за Зеко, како хипнотизирани од неговите празни ветувања од типот – 30 илјади денари просечна плата, минималец во износ од 16 илјади денари и социјална помош од 12 илјади денари.
• Толку ли чини светото македонско царство, маршале?
• За свињи, толку чини. За луѓе од свест и чест, светото македонско царство нема цена, зашто се работи за духовност, за спознание и за спасение по милост Божја. Не залудно Македонија е толку пати спомената во светото писмо.
• Значи, овие 350 илјади стаорци, кои лажат дека се Македонци, го направија најголемото и најмасовно предавство во историјата на независна и суверена Македонија. Се прашувам, каде ќе им одат душите, маршале?
• Во пеколот, повеќе од сигурно. Еве, веќе по еден и пол месец од владеењето на нивниот пастир – Зеко, веќе го чувствуваат претвкусот на инферно. Сега сѐ би дале за да го вратат моментот кога гласале, но веќе е доцна. Тој со огнени очи и челичен усвитен тризабец доаѓа по нив. Сите ќе завршат во големите пеколни казани, каде што врие катранот и каде што ќе бидат фрлени сите овие предавници. Слушнав од еден врвен демонолог пред некој ден на едно чудно отворање изложба, под наслов „Пет минути пред падот“ во Порта Македонија, дека стотици легиони ѓаволи под команда на нечестивиот го проширувале деветтиот круг со невиден работен интензитет за да ги собере сите овие проклетници.
• Како рицарот Коце да им го диктира работното темпо, маршале!
• Ха, ха, ха, никако, никако, Коце не копа во длабина повеќе од неколку десетици метри под земјата, а овие демонски работи се одвиваат на десетици километри во длабочина.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.