| четврток, 6 декември 2018 |

Волја за моќ

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Кога стравот престанува, на неговото место се појавува волјата за моќ. Тоа го поседуваат сите суштества во фазата на експанзија на нивната тенденција за контрола на познатите, а понекогаш и на непознатите нешта. Всушност, тоа е постојано израмнување на дефанзивните и офанзивните аспекти на егото. Кулминација на волјата за моќ се манифестира во политичките сфери, кои во целокупната своја интерактивност и реализација ја создаваат историјата, која станува ултимативен парадигматичен фактор на мотивација и престиж на сите оние партиципиенти во процесот, кој ја определува оваа жестока војна на идеологии и личности.

Секако, здрава и витална волја за моќ во експанзија е незаобиколнава карактеристика или, ако сакате – дарба на големите и харизматични лидери. Но, покрај волјата за моќ, лидерот треба да има и карактерни доблести, висока интелигенција, но и искуство. Инаку волјата за моќ го претвора човека во гротеска, во смешен монструм, кој ги соблазнува луѓето кои, наместо масовно да се собираат околу ваквиот водач, тие бегаат од него како од чума.

Од тој аспект, волјата за моќ создава непријатни и насилни впечатоци, а нејзината реализација генерира карикатурни и пародични состојби.

Токму таква гротеска сега се случува на нашата политичка сцена, посилна од било кога досега во независна Македонија.

Гротеска пар екселанс, потхранета со политички авторитет, а можеби и со пари од страна на меѓународните структури на светската геостратегиска проституција, олицетворена во НАТО и ЕУ и персонифицирана како Блудницата Вавилонска.

• Токму така, Маршале. Но, вие и понатака ја чувате кубурата длабоко завлечена во чакширите!

• А, што, да тепам гадинки, кои за кратко време меѓусебно ќе се испотепаат. Одвратно е да се дигне рака на вакви мизерници и слабаци, какви што се апашите на Зеко.

• Така зборевте и на „Црниот четврток“, да не сте станале демохристијанин во последниве години?

• Повеќе би рекол анархист, гемиџија. Го проучувам животот и делото на Павел Шатев, тој најсјаен и најзагадочен револуционер во Европа во првата половина на 20 век. Да го имаше некој друг народ овој гениј, овој трагичен гениј, досега ќе направеше сјаен историски национален, а можеби и интернационален херојски култ. Моите пријатели од ИРА. (Irish Republican Army) го почитуваат како нивни херој. Шон О’Хара, мој другар и соборец на интернационален план, го беше истетовирал на рамото. Сега тој е дел од „Шин Фејн“ на Џери Адамс (политичкото крило на ИРА и нејзиниот лидер).

• И Галапчето со пиетет збори за Павел Шатев, последниот гемиџија и првиот разузнавач на НКВД, кој на Сталин му прати порака за Хитлеровиот план „Барбароса“ многу порано и од Зорге и од Абел. Каков интелект и каков борец, Маршале!

• Не ми го спомнувај Галапчето, кое е еден вид Наполеон од шеќер. Се уплаши кога му требаше најмногу храброст. Волјата за моќ му исчезна пред рациото, преполно со стравови.

• Епа, Маршале, стравот лозјето го чува. Ние сме мала нација и не знам кој маж би имал тестиси да се справи со ваква монструозна закана, која дојде директно од „длабоката држава“.

• Ма, тоа се глупости! Галапчето се плаши и од сопствената сенка. Тој е прекрасна личност, интелигентен, образован и хуман, но на оваа сцена треба нешто друго, треба јастреб, а не галапче кое, наместо да се бори, дефецира на првата закана.

• Но, тој е интелектуалец. А интелектуалците се специфични по прашањата за насилството, Маршале.

• Давам двесте врвни интелектуалци за еден добар убиец, кој не јаде измет, туку е фанатично посветен на каузата и е потполно лојален и послушен на организацијата.

• Нешто како Владо Черноземски – Шоферот или како Ќосето?

• Можеби, или како Петар Велики, Наполеон, Сталин, Мао или Адолф Хитлер, луѓе со воено искуство и чест. Некој, кој за повисок интерес може да испука шаржер куршуми во главата на осудениот непријател.

• Кој непријател, Маршале?

• Секако дека нема да се трошат куршуми со стрелба во фекалии, какви што се Зеко и неговите трабанти. Треба да се оди директно кон главата на „длабоката држава“. Да се одредат факторите и да се изврши егзекуција. Потоа „длабоката“ ќе се замисли и ќе фати да испитува. Како кој агент на „длабоката држава“ доаѓа, ние ќе го заглавиме во лавиринтот на нашите национални и херметички дубиози, како мува во пајакова мрежа. Потоа ќе ги ставиме на обработка и врбување. Тие што ќе ги средиме, ќе им ги вратиме назад индоктринирани и со определена мисија. Тие, пак, што нема да се скршат, ќе ги ликвидираме.

• Убав план, Маршале, нема што!

• За татковината нема цена, уште е поважно човештвото. На овој начин нема само да ѝ помогнеме на Мајка Македонија, туку и на Прамајката Земја.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top