| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Фактурата на Заев нема да ја плаќаат народот и ВМРО-ДПМНЕ (ВИДЕО)

ВМРО-ДПМНЕ секогаш е подготвено да дискутира и дебатира со секого кога се во прашање националните и државните интереси, но во сегашната ситуација не зависи се од нас, туку најмногу од СДСМ чија тактика очигледно беше по секоја цена да се направи криза бидејќи веруваа дека тоа e единствениот начин да дојдат на власт, оцени денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

– Јасно е дека СДСМ не сака никакви чекори во правец на стабилизирање на државата, освен нивната зацртана цел по секоја цена да дојдат на власт дури и по цена на државните и националните интереси, изјави Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните работи на катната гаража „Смилевски конгрес“.

Тој посочи дека разбира оти СДСМ има добиено, како што рече, голема фактура која ги притиска и за која имаат скапа кирија.

– Но, неприфатливо е ниту за ВМРО, ниту за народот таа кирија и таа фактура да ја плаќа народот и да биде завршена работата на грбот на народот и на државата. Токму затоа народот во толку голем број и толку долго време, како никогаш досега, секојдневно се спротивставува и пружа отпор. СДСМ треба да знае дека народот и ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволат таа фактура и кирија да ја плати народот на сметка на неговите интереси и на државните и националните интереси, потенцира Груевски.

Посочи дека како партија во изминатиот период покажале оти сакаат да се најде решение со дијалог.

– На СДСМ му понудивме доколку се откаже од тиранската платформа дека сме подготвени да им ги отстапиме 51 пратеник што ги имаме, да владеат извесен период кој ќе го договориме, но тоа веднаш го одбија. Потоа понудивме патоказ за излез од кризата, документ кој треба краткорочно и среднорочно да најде излез од кризата и во него се предвидуваше меѓудругото да има предвремени парламентарни избори заедно со локалните. Нешто што посебно да ја чини државата или да ги малтретира граѓаните, но и тоа беше одбиено без многу дебата. Понудивме и трета иницијатива, манифестот за единствена Македонија кој пред се е за среднорочна стабилизација и уредување на односите помеѓу политичките партии во правец на иднината на државата и е долгорочен документ. И овој документ беше отфрлен во првите неколку часа, рече Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top