| четврток, 6 декември 2018 |

Заедничка македонско-српска владина седница во Белград

belgradВо понеделник во Белград ќе се одржи заедничка македонско-српска владина седница, која е резултат на договорот во Скопје меѓу двајцата премиери Никола Груевски и Ивица Дачиќ.

Ваквите средби, беше заедничката порака, би била дополнителен импулс во развојот на односите меѓу двете земји.

„Нашите две држави и понатаму остануваат посветени на продлабочување на соработката, на унапредување на севкупните односи на секое ниво од билатерална соработка и на развој на проекти што ќе имаат силна улога во развој на економијата, така што во тој правец се надеваме дека начелно договорената заедничка седница на владата, која што треба да ја одржиме кон средината на оваа година, ќе биде дополнителен импулс во развивањето на односите меѓу двете држави, но и дополнителен импулс кон придвижувањето на проектите што се значајни за двете држави”, изјави тогаш премиерот Груевски.

На седницата нема да бидат комплетните владини состави, туку само министрите од оние ресори за кои, како што посочи Дачиќ во Јануари „сметаме дека се важни за нашите билатерални односи, да ја разгледаме актуелната ситуација по сите овие теми и тоа би требало да биде придонес за нашата соработка.

Двете земји се наоѓаат во очекување на резултатот од јунскиот самит на ЕУ во однос на определување датум за почеток на преговорите, по јасните препораки од Европската Комисија и од Европарламентот.

Се очекува да стане збор и за економските односи, како и за анализите во врска со предлог- проектот за изградба на пловен канал Дунав – Морава – Вардар – Солун.

Како отворено прашање во односите меѓу двете соседни држави се уште надвиснува спорот меѓу македонската и српската православна црква.

Вакви иницијативи за заеднички владини седници, Македонија има испратено и до властите во Бугарија, Албанија и во Косово, на што има позитивни реакции, но се уште нема договорен термин. Владата во Белград во тој однос е најискусна и  најекспедитивна заради чести седници со други странски влади.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top