| четврток, 6 декември 2018 |

Македонските производи наскоро на филипинскиот пазар

Македонија започна да тропа на трговската врата на Азиско-Пацифичкиот регион, а тоа го направи преку воспоставување на трговски врски со партнери на Филипините. Економијата на Филипините забележува годишен пораст од 6.6%, водена од својата растечка популација (98 милиони жители) која создава зголемена побарувачка на увезена храна и пијалаци, со вкупен увоз на продукти наменети за широка потрошувачка од над 1 милијарда американски долари годишно.

Извршниот директор на Македонскиот совет за надворешна трговија Азија – Пацифик, г.дин Владимир Кофчегарски, неодамна присуствуваше на Меѓународниот саем на храна (International Food Exhibition – IFEX) во Манила – Филипини, среќавајќи се со клучни акционери и владини претставници.

-Филипините не претставуваат повеќе изнемоштен старец од Источна Азија, туку, тигар спремен за поход. Правиме истражувања на пазарот веќе една година и мислам дека ова е вистинско време да влеземе на нивниот пазар, земајќи во предвид дека предвидуваме растот на филипинската економија да биде двоцифрен во наредните 5 години. Ова е 100 милионски пазар со висока потрошувачка доверба и многу млада и динамична популација која е желна за продукти кои се увезени и спремни за употреба, а тоа е она што Македонија го нуди, изјави Кофчегарски

Македонија бележи значителен развој од нејзиното осамостојување во 1991 година и веќе ја докажа силата на извозот преку воспоставените трговски врски со Германија, Италија, САД, Русија и Турција, што ги наложува како следен чекор извозните врски со азиските пазари.

-Европа е премногу мала за нас, имаме потреба од поголеми пазари, иако нашиот извоз е добро зацврстен во Европа, овде сме да го промениме тоа, не можеме да дозволиме да се ограничиме на пазар од 650 милиони, во споредба со пазар од 4 милијарди. Македоија може да извезува на големи пазари, имаме голема предност во Азија, затоа што имаме софистицирани и специфични прехрмбени продукти кои можат да бидат новина во овој регион и каде ние самите можеме да ја диктираме цената на производите. Веќе се сретнавме со клучните играчи на саемот во Манила каде ги промовиравме македонските извозни капацитети со надеж, нашите продукти да се најдат на полиците во супермаркетите до крајот на оваа година. Исто како дел од нашата двонасочна економска програма, ќе ја понудиме нашата логистика и експертиза употребувајќи ја централно европската поставеност на Македонија како влезна точка за филипинскиот извоз во Европа, вели Кофчегарски.

Македонскиот совет за надворешна трговија е исто така вклучен во инвестициските промоции на Македонија во овој регион, каде азиските инвеститори кои имаат потреба од влез во Европа се запознаваат со потенцијалите на македонската економија како најдобра дестинација за инвестирање.

Како дел од овој роуд шоу, покрај Филипините, веќе се договорени средби со дистрибутери, владини претставници и претставници од стопанските комори на Тајланд, Виетнам, Малезија, Индонезија, Брунеи и Тајван.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top