Една буква може да смени сè!
Додека Хипократ се смета за татко на научната медицина, хипокрит е појава што најчесто има некаква социјална (вообичаено негативна) конотација.
Хипократ живеел во петтиот век пр.н.е. на грчкиот остров Кос и со неговото име се врзува делото „Корпус Хипократикум“, дело во кое се раскрстува со дотогашното празноверие и со магијата на примитивната медицина и во вековите што следуваат ова дело било најважниот и најсигурен извор на медицинската наука.
Уште повеќе Хипократ е познат по востановувањето на институцијата на „лекарска тајна“ опишана во Хипократовата заклетва, која, всушност, претставува основа на лекарската етика до ден денес.
Нему му се припишува изреката Primum non nocere – „Прво да не наштетиме“. Имено, Хипократ врз основа на симптомите не давал дијагноза на болеста, туку – прогноза. Тој сметал дека основната работа во лекувањето на една болест е да се поттикне работата на имунитетот на човекот, неговиот природен имун систем, и дека за постигнување на оваа цел лекарот мора да ги знае условите во кои живее пациентот. Главните лекарства што ги препишувал биле –одмор, диета, гимнастика и работа!
Некаде во истиот период живеел и Диоген, познат како основач на школата на циниците. Диоген живеел во буре на градскиот плоштад, бил скитник и просјачел за да преживее, истовремено остро критикувајќи ги вредностите на тогашното општество. Себеси се нарекувал космополит.
Најпознатата анегдота врзана со неговиот лик е таа во која е вмешана една друга легенда од антиката – имено, се вели дека додека Диоген едно попладне се излежувал на топлото сонце го посетил Александар Великиот, македонскиот император, кој имал многу слушано за чудесниот и откачен мудрец, кој, пред сè и над сè го претпочитал сиромаштвото како една од најголемите доблести на човекот. Кога, конечно, го пронашол, Александар со восхит застанал покрај него и со стравопочит го прашал: – Ти треба ли нешто? Што можам да направам за тебе?
Диоген лаконски одговорил: Да, тргни ми се од сонцето, ми правиш сенка…
И додека лекарите и философите мака мачат во потрага по каменот на мудроста, хипокритот до мила волја денгуби во симулација на симптоми што се менливи, минливи и растегливи во својата локална тридимензионална компатибилност, во корелација со моралните кодекси на помесните заедници, што речиси без исклучок води во масовна хиперпродукција на таканаречен двоен морал. Хипокритот е вешт глумец, кој за миг умее да одглуми и судија, и обвинет, и оштетен, и жртва, и обвинител. Хипокрит е микро и инстант-судница.
Хипокризија по дефиниција означува „чин со кој се осудува другиот додека критичарот и самиот е виновен за тоа за кое го осудува другиот“! Зборот хипокриза значи „глума“. Во антиката „хипокрит“ е глумец, кој намерно ги залажува другите.
Значи хипокрит не е обичен лажго.
Хипокритот прво се лаже самиот себеси. Несвесно.
И тука почнува кошмарот на современиот психотерапевт. Тука општествата стануваат сосема слично на тие дамки во проективните психолошки тестови, кога од пациентот се бара да ја извади на виделина скриената содржина на својата потсвест, врз основа на асоцијативната неправилна форма, која случајно (или не) влегува во фокусот на неговото внимание…
Најбизарен пример за модерна хипокризија на глобално ниво е, да речеме, злоупотребата на технолошките откритија и научните иновации заради финансиска корист од страна на моќни корпорации, а на штета на тие што „излажани“ или „изманипулирани“ ги купуваат, т.е. ги користат овие тазе и недокрај испитани иновации.
Некој ќе рече – па како може, на пример, една обична, навидум безопасна микробранова печка да лаже? Прво е хит на пазарот, а потоа наеднаш се повлекува од продажните салони бидејќи била штетна и предизвикувала разно-разни нарушувања во дигестивниот систем на човекот.
Воената индустрија. Се штанцаат авиони, противтоповски ракети, проектили, торпеда, подморници. Во фабриките сето тоа личи на „работа“, но во реалноста тој што поседува повеќе оружје ја поседува и моќта да манипулира со свеста и со слободната волја на луѓето.
Компјутерската индустрија. За затапување на природниот и генијален сметач што човекот го има во сопствената глава, но не го користи во полн капацитет. Во индустријата на производство на играчки за деца направени од штетни материјали.
Во фармацевтската и во прехранбената индустрија особено, кога освен лекот или храната, со него се внесува и отров во организмот, и тука не помагаат изреките на Гален дека тоа што за некого е лек, за друг може да биде отров. Ова, можеби, практично има примена во далекоисточните традиционални техники на исцелување, од типот на кинеската традиционална медицина, но во западната, т.н. „научна“, каде што лекот има индустриска заднина и се штанца на лента – не!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.