
Колумнист:
Адрапо Спараи
Национализмот е цела една лепеза од состојби на свеста кои се манифестираат низ мноштво идеологии и теории во однос на нацијата и нејзината волја и артикулација. Овие промислувања минуваат низ многу метаморфози и како такви знаат да се имплементираат во цел еден мозаик од политички стратегии. Во овој контекст национализмот во сите свои варијанти знае да пенетрира дури и во најнеочекуваните за него политички движења затоа што неговата суштина повеќе произлегува од некое древно чувство на припадност и заедништво отколку од некој високоизграден интелектуален став генериран врз рационалноста, емпиријата и знаењата поврзани со општеството и културните процеси низ историјата. Национализмот може да се пројави и во највисоката интелектуалност објаснувајќи ги своите позиции на најсофистициран начин. Многу антинационалистички движења кои дизајнираа цел еден асортиман од темелно фундирана и сугестивна критика во однос на национализмот некаде во своите когнитивни пукнатинки дозволија без и да бидат свесни оваа за нив непожелна емоција да се вовлече токму таму и да ја компромитира нивната антинационалистичка идеологија во самата практика, претворајќи ги овие егзегети на антинационализмот на пократок или подолг рок во нивна спротивност.
„Стануваш она на што му се спротивставуваш“, ќе каже во еден момент умниот професор на Харвардскиот универзитет, Џорџ Моузли.
Национализмот како да е постар и од самата нација. Всушност, можеме да кажеме дека одредени индивидуи и групи со силна визија за одредени заеднички вредности кои ги споделувале со мноштвото, го дизајнирале национализмот во процесот на нивните тежненија за создавањето на нацијата – држава.
Значи национализмот бил и сѐ уште е еден универзален светски процес кој е пресуден за создавањето на геополитичкиот, па и културниот поредок на планетава. Не бадијала највисокото политичко-формално тело на планетарно ниво се нарекува Организација на Обединетите нации. Значи тука се работи за едно мноштво на помалку или повеќе еманципирани нации асоцирани во една заедница во која теориски, а зашто не и практично, би ги решавале своите многубројни политичко-економски проблеми, во заднина генерирани токму од помалку или повеќе изразените национализми.
Обидот, во основа утописки, а кој претрпе страотен дебакл на историски план, да се создаде една светска држава без граници и центри на моќ, почиваше на објавување војна на национализмот и негово екстерминирање. Овој застрашувачки обид со идеализам морничав до фанатичност, всушност се соочи со поведување војна против специфичноста и автентичноста на мозаикот што го сочинуваат светските култури. Значи оваа, во основа, технократска и прагматичка стратегија засилена со еден силен хуманистичко-универзалистички сентимент не успеа да се справи со непрегледната комплексност и длабината на специфичноста.
Така го видовме дебаклот на комунистичката идеја, отпрво потентна и полетна во својот симплифициран имагинариум и политизирана естетика полна со мотивирачки пароли, но без систем и вистинска визија, кој повеќе наликуваше на еден масовен транс, при кој деструкцијата на постојните, наводно неправедни системи, поредоци и режими, добиваше речиси оргазмички својства. Во овој дел лидерите на дионизиските страсти на пролетаријатот имаа спектакуларен успех. Но, кога дојде времето за организирање на општествените текови и формирање на долго ветуваниот праведен и одржлив систем, тогаш нештата тргнаа по удолна линија. Деструктивната инерција никако не можеше да запре, жртвите во името на праведноста се мултиплицираа. На крајот сиот потенцијал на слободата на волјата и изразот на креативност се истроши и светскиот процес на укинувањето на експлоатацијата и неслободите се претвори во најекстремна диктатура дотогаш невидена на лицето на земјата. Единствената инвенција што остана во структурите на овие диктаторски режими беше онаа на производство на идеолошки и класни непријатели. Секако дека прв во овој контекст беше токму национализмот. Од друга страна, национализмот како да влезе на мала врата во организацискиот, а уште повеќе во емоционалниот простор на овие диктатури и, наскоро човековата историја се соочи со нова појава на парадокси. Антинационалистичкиот интернационалистички ориентиран комунизам (сетете се само на химната на интернационалистичкиот комунизам – интернационалата, што ги покренуваше пролетерите од сите земји – нации, на обединување) сега влезе во националистички води и веќе почнаа да се маркираат геостратегиски интереси на одредени нации што во своите држави го беа имплементирале комунистичкиот, идеолошко-политички и економски систем. Овие поларизации на националните интереси на одредени држави со комунистички режими водеа во конфликтни ситуации кои се разрешуваа со војни. Во некои држави со комунистички владејачки елити многу штедро се внесуваа дури и шовинистички и иредентистички стратегии, што почна да наликува на шокантна пародија. Најеклатантен пример за крахот на интернационализмот и неговиот дебакл е подигањето на берлинскиот ѕид и неговото симболичко рушење по неколку декади тиранија и неспособност да се воспостават хумани системи во комунистичкиот блок.
*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


