| четврток, 6 декември 2018 |

Ликована изложба „Тајане“ на Тамара Забазноска

По повод наградата која „Флукс Галерија“ ѝ ја додели на Тамара Забазноска на минатогодишното издание на Саемот за современа уметност „Паратисима Скопје“, на 30 март, во 20 часот, во „Флукс“ ќе биде отворена нејзината самостојна изложба со наслов „Тајане“.

Насловот на изложбата „Тајане“ е македонски поим кој означува обичај поврзан со летните обредни празнувања. Врзан е со берењето цветови и нивно плетење во венци и китки, аналогно на поврзувањето на конците на композитното дрво.

Како што китката претставува сноп од растенија врзани заедно, така геометриските форми се претставени преку заедништво од шајки кои сугерираат дека секоја идна точка/акција е резултат на сите претходни точки и акции. И како што обредниот ритуал симболизира систем на правила и норми, така и присутноста на оска на симетрија во делата се перцепира како ритуал на дејствување – имагинарна линија околу која формите ротираат, свесни за дуалитетот и екстремите кои ги негуваме во нас.

„Тајане“ го симболизира и денот кога Сонцето заигрува, односно ја сугерира желбата за изразување на природните сили, поврзаноста на елементите од природата преку шеми кои водат од микро кон макро размер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top