| четврток, 6 декември 2018 |

Со години бараа, преку ноќ се откажаа: Пописот исчезна од ветувањата на Заев

popis sdsm

Фантомските гласачи на кои укажуваше опозицијата на претходните избори, на овие избори се намножија. Поради тоа, потребно е спроведување попис, со што партнерите Груевски и Ахмети свесно калкулираат веќе подолг период.

Тоа е петтото барање на СДСМ и коалициските партнери, беше категоричен став на лидерот на социјалдемократите, Зоран Заев, по парламентарните избори во 2014 година, чиишто резултати не ги призна. В година, на декемврискиот конгрес на партијата таквата заложба за пребројување на населението повторно беше нагласена, анализира „Дневник“.

– СДСМ кога ќе дојде на власт, ќе спроведе попис на населението според меѓународни критериуми и стандарди – изјави Заев од конгресната говорница, на која ги набројуваше и нивните главни заложби во идната изборна програма.

Откажување до 2020 година

Следствено на тоа такво ветување беше преточено и во партиската изборна програма со која под слоганот „План за живот во Македонија“, покрај другото, беше наведено дека оваа статистичка операција ќе биде безусловно спроведена.

„Ќе спроведеме попис на населението според меѓународни критериуми и стандарди. Податоците ќе им овозможат на државните институции, академскиот свет, граѓанскиот сектор, вистинска анализа и креирање реална политика во секоја сфера“, наведено е во изборната програма со која оваа партија ја бараше довербата кај граѓаните и на крајот доби 49 пратеници во македонскиот парламент.

Но, само неколку месеци подоцна, СДСМ, нивниот лидер и партиските функционери целосно заборавија на ветувањето за пописот, што значи дека тој нема да се одржи ниту во следните години ако оваа партија во актуелните меѓупартиски договарања со албанските партнери успее да состави владина коалиција. Тоа јасно се гледа и од Предлог-програмата за работата на Владата во периодот од 2017 до 2020 година, а која неодамна ја претстави токму лидерот нас СДСМ, Зоран Заев. Во неа, меѓу повеќето приоритети и работи што идниот владин кабинет, за кој се очекува да биде составен и поддржан од СДСМ и албанските партнери – ДУИ, „Алијанса за Албанците“ и Беса – со ниту еден збор не се спомнува одржувањето на пописот на населението. Излегува дека социјалдемократите се откажале од ова изборно ветување, кое последните две години беше најкатегорично ветувано. Односно, дека е прифатено она што идните коалициски партнери од албанскиот политички блок го имаа како став за одржувањето на пописот – тој воопшто и да не се спомнува како државен приоритет во мандатниот период на новата влада!?

Инаку, во предизборниот период, пред декемвриските избори, СДСМ беше една од неколкуте партии што на граѓаните им ветуваа дека по долго време во земјава повторно ќе се случи пребројувањето на населението.

„Македонија е единствена земја во Европа без спроведен попис на населението веќе 14 години. Сепак, оваа исклучително важна статистичка операција не зазема значајно место во изборните програми на партиите и коалициите. Спроведување попис на населението планираат СДСМ, Либерална партија (ЛП) и Левица, при што единствено ЛП има рок за негово спроведување во 2017 година“, се наведува во анализата на партиските изборни програми за декемвриските избори на невладината организација НВО „Инфоцентар“.

Во делот на анализата посветена на СДСМ се наведува дека оваа партија ветува спроведување на пребројувањето според меѓународни критериуми и стандарди. Освен тоа, партијата ветила и воспоставување посебни регистри.

„Што се однесува до регистрите, СДСМ во својата програма најавува три основни електронски регистри – регистар на граѓани, адресен регистар и регистар на просторни податоци, кои, меѓу другото, треба да претставуваат „…Основа за сите активности што треба да се преземат за реализација на пописот на населението во Македонија““, како што пишува во анализата на НВО „Инфоцентар“.

Во неа се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ го спомнува пописот во својата изборна програма, во делот „Електронски регистар на населението“.

– Ќе се воспостави единствена електронска евиденција за населението во Република Македонија, која би се користела како основна точка за потребните податоци за електронските административни услуги, како и за избори и попис на населението – истакнуваат од партијата.

Некредибилни податоци

Повеќе статистички и демографски експерти неодамна за „Дневник“ изјавија дека одржувањето на пописот на населението е потребно, бидејќи без него нема да се знае каде може да се применуваат новите одредби за употребата на јазиците на етничките малцинства што се договараат меѓу СДСМ и албанските партнери. Според сегашните одредби, по измените во Уставот на РМ направени со Охридскиот рамковен договор, „во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот, може да се користи во согласност со законот. Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20 проценти од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20 отсто од граѓаните во единиците на локалната самоуправа одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа“.

Податоците од пописот на населението од пред 15 години се веќе некредибилни и врз нивна основа не може да се решава за остварувањето на нечии права за употребата на јазикот – изјави неодамна за „Дневник“ универзитетски професор Никола Панов од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. И демографот Дончо Герасимовски смета дека има големи промени во однос на описните резултати од 2002 година кога етнички Македонци имаше 64,17, а етнички Албанци 25,27 отсто. Герасимовски наведе дека процените оти во земјава сега имаме околу 2.071.000 жители треба да се земат со резерва.

Што зборуваа од СДСМ за пописот

  • Потребно е спроведување попис, со што партнерите Груевски и Ахмети свесно калкулираат веќе подолг период. – Зоран Заев, јуни 2014 година
  • СДСМ кога ќе дојде на власт, ќе спроведе попис на населението според меѓународни критериуми и стандарди. – Зоран Заев, декември 2015
  • Ќе спроведеме попис на населението според меѓународни критериуми и стандарди. – Ветување од партиската изборна програма за декемвриските избори 2016 година

Kако знаеме која етничка заедница е 20 отсто?

Во понудената владина програма, која неодамна ја претстави Зоран Заев, веќе однапред е наведено дека законските измени за употребата на јазиците ќе се однесуваат на албанскиот јазик, бидејќи тој е застапен најмалку кај 20 проценти кај населението.

„Владата ќе предложи законски решенија за употреба на јазиците, со кои ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, т.е. албанскиот, во рамки утврдени со амандманот 5 на Уставот на РМ. Законот ќе ги прошири употребата и обврските на институциите и ќе ги зголеми можностите граѓаните да комуницираат со државните институции на свој мајчин јазик и со тоа полесно и поефикасно да ги остваруваат своите уставни права. Воедно, законот целосно ќе ја гарантира и соодветната употреба на македонскиот јазик, но и на другите јазици што се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа – турски, ромски, српски, влашки и бошњачки“, пишува во предлогот на Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top