ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешниот напис на германскиот новинар Тео Зомер искажан во колумна за весникот „Ди Цајт“. Според ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот уредник во весникот „Ди цајт“ Тео Зомер, очигледно е лошо информиран за ситуацијата во Република Македонија.
Зомер во колумната пишува дека Никола Груевски и покрај изборниот пораз одбивал да ја предаде власта.
-Неговата перцепција на политичката состојба е целосно искривена и воопшто не се разликува од перцепцијата на аболицираниот криминалец Зоран Заев кој се обидува да ја изигра и изманипулира волјата на народот, прифаќајќи платформа изготвена во друга држава која не ја добила поддршката од граѓаните на избори, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Зомер, се наведува во реакцијата, или не знае или намерно лаже и го прикрива фактот дека на изборите на 11 декември победи токму ВМРО-ДПМНЕ.
-Мнозинството граѓани гласаа за програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. Мнозинството граѓани се произнесоа и во врска со начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и илјадниците проекти кои што ги реализираше владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. После изборите, како што беше најавено и во албанските медиуми, Владата во Тирана раководена од премиерот Еди Рама, заради загриженост од намалениот број на освоени пратенички места на албанските партии, работеше на изготвување на платформа која би ги обединила партиите на етничките албанци околу одбрана на нивните национални интереси. Оваа платформа беше потпишана од партиите на етничките албанци во Тирана на Божик, 07.01.2017 година. Пред фактите и боговите молчат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа платформа која е противуставна и која содржи исклучително опасни елементи кои водат во редефинирање на сегашната мултиетничка Република Македонија во бинационална држава за ВМРО ДПМНЕ беше целосно неприфатлива како основа за водење на какви било разговори за владино коалицирање.
-ВМРО ДПМНЕ ниту тогаш, ниту сега се согласува со барањата за официјализирање на албанскиот јазик на целата територија, менување на банкнотите и униформите или во контекст на платформата отворање дебати околу националните обележја знамето, грбот и химната. ВМРО ДПМНЕ не се согласува ниту со идеите за кантонизација или федерализација, ниту пак со мислењата дека треба да се менува нашето уставно име и идентитет по теркот на грчките барања и условувања влез во ЕУ и НАТО. Ние сме партија чија стратешка определба е влез на Македонија во Еу и Нато, но со фер компромис со Грција, а не со уцена и еднострано решение. Ние сме партија која во историјата независна Македонија покажа најголеми резултати во борбата против криминалот и корупцијата, додека токму сдсм го одбележува времето кога криминалот и корупцијата цветаа во земјата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што потврдија и од албанските партии, но и самиот Заев, за СДСМ тиранската платформа била прифатлива и СДСМ гледал позитивно кон сите нејзини аспекти. Тоа е основната причина поради која што со постизборен инженеринг, мнозинството Македонски гласачи треба да бидат истерани во опозиција и нивната политичка волја да биде занемарена.
-ВМРО ДПМНЕ смета дека новинарот Зомер треба да се извини за изречените невистини, бидејќи ваквите манипулации не помагаат при изнаоѓањето излез од актуелната состојба. Ваквите лажни вести нема да ја поколебаат ВМРО ДПМНЕ да отстапи од одбраната на волјата на мнозинството граѓани и од одбрана на највисоките државни и национални интереси. Сакал да ја види новинарот на Ди Цајт реалноста или не, таа е следна. Народот е на нозе. Македонија се буди. Граѓаните не се согласуваат со антидржавната и антинационална политика на лидерот на СДСМ и со постизборното подметнување на туѓи агенди, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова не е првпат корумпирани и осудени новинари со матно минато да одработуваат нарачани текстови на Заев. Во јануари 2014 година, Тео Зомер од страна на Хамбургшкиот суд е осуден за даночно затајување и измама, определена му е казна затвор во висина од 1 година и седум месеци. Казната затвор е заменета со условна казна затвор во висина од три години, како гаранција му е изречено плаќање на 20.000 евра на Фонд за Наука, образование и култура. Во процесот се работеше за даночно побарување на сума во висина од 649.917 евра. во периодот од 2005 до 2011 за дејноста како издавач за издавачката куќа Times Media GmbH.
Токму Зомер пред извесно време беше критикуван од Украинско-американскиот историчар Александар Мотил за „затворање на очите пред масовните убиства во Советскиот режим во Германија“, за непочитување на Балтичките држави и Полска, и за колонијално однесување кон Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.