Зголемениот интерес за природните и техничките науки се должи на намалената школарина за студирање, на заложбите на самите факултети, кои се борат да привлечат што повеќе студенти, но и на апелите на државата до младите да се запишуваат на техничките струки. Нова Македонија објавува анализа со наслов „Тројно поголем број на студенти идни инженери“.

Фото: Нова Македонија
– На Факултетот за електротехника и информациски технологии годинава се запишале 550 бруцоши, а лани оваа бројка била 230. На штипскиот факултет за природни и технички науки минатите години имале едвај по стотина бруцоши, а оваа академска година таму студираат околу 400 нови студенти. Зголемениот интерес за природните и на техничките науки се должи на намалената школарина за студирање, на заложбите на самите факултети што се борат да привлечат што повеќе студенти, но и на апелите на државата до младите, да се запишуваат на техничките струки, пишува весникот.
На Факултетот за електротехника и информациски технологии се запишуваат студенти кои во средно образование имале солиден успех. МЕПСО, ЕЛЕМ и ЕВН им даваат стипендии во вредност од по 100 евра месечно на петнаесетина најдобри студенти од овој факултет. Ова за нив е дополнителен мотив за учење.
-Во јуни минатата година имаше многу слаб одѕив за стручното образование. Во првиот уписен рок, за насоката компјутерска техника и автоматика во „Михајло Пупин“ се пријавија 54 ученици, за електроенергетичари – 29, за електротехника и телекомуникации – 17. Во средното земјоделско училиште „Браќа Миладиновци“ во првиот уписен рок се пријавиле само тројца кандидати за насоката техничари за агроменаџмент, а пазарот има потреба токму од нив, пренесува Нова Македонија.
Зеќир Зеќири, директор на Центарот за средно стручно образование, тврди дека степенот на запишаност е повисок во стручните училишта отколку во гимназиите.
– Генерално, има пад на запишани ученици поради падот на наталитетот. Но степенот на запишаност е повисок во стручните училишта отколку во гимназиите. Правиме големи напори со Европската Унија за реформа на целото стручно образование до 2020 година. Сметам дека стручните училишта се клучни за развој на општеството, вели тој за весникот.
Најголем недостиг на пазарот , во моментов, има за електромашинската струка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


