Педесет и четири проценти од Европејците планираат да патуваат некаде. Ова е најнизок процент во последните 13 години. Истражувањето го спроведе ИПСОС во седум земји – Франција, Германија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Белгија и Австрија. Според резултатите, план за патување некаде во периодот јуни-септември година имаат четири отсто помалку од лани или 12 проценти помалку споредено со 2011 година. Ова, како што пишува францускиот весник „Фигаро“, е најнизок процент од 2000 година, од кога се спроведува истражувањето.
Во Шпанија планови за патување имаат само 42 отсто од граѓаните, во однос на 51 процент минатата година и 65 отсто во 2011 година. Во Италија само 53 проценти од граѓаните се подготвени за одмор, во споредба со 63 проценти минатата година и 78 во 2011 година.
Во Германија и во Австрија ситуацијата е стабилна, така што 52 и 57 проценти од граѓаните ќе патуваат некаде, додека бројот на туристи меѓу Британците е зголемен за 2 проценти, на 56 отсто во однос на 2012 година.
Според дестинациите, околу 81 процент од Европејците ќе летуваат на стариот континент. Франција е избор број еден за 18 проценти од Европејците што планираат патување. Околу 58 проценти од граѓаните што планираат патување ќе издвојат помалку средства од минатата година. Мнозинството туристи, околу 71 отсто, самостојно ќе го организираат своето патување.
Просечниот буџет за патување ќе изнесува околу 2.100 евра. Најмногу ќе потрошат Британците, во просек 2.800 евра, што е за 1.000 евра повеќе од Шпанците. Германците ова лето ќе потрошат во просек 2.343 евра, додека Фрнацузите за одмор планираат да одвојат во просек по 2.140 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.